Со доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на режисерката Илдико Ењеди и проекција на хрватскиот филм „Чичко“, во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји, почнa седмото издание на фестивалот „Киненова“.
Илдико Ењеди е една од најоригиналните авторки на денешнината. Со својот прв долгометражен филм од 1989 година, „Мојот 20 век“ ја доби „златната камера“ во Кан, во 2017-та ја освои „златната мечка“ во Берлин, а и македонската публика имаше можност да ја запознае одблиску оваа авторка.
Во нејзина чест, в недела во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Приказна на мојата сопруга“, а в понеделник напладне Ењеди ќе одржи мастерклас во „Јуроп хаус“.
„Киненова“ ќе се одвива под слоганот „Првиот остава трага“ и во киното „Милениум“ и во Кинотеката, љубителите на филмската уметност ќе уживаат во актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи, поставувајќи голем број прашања во своите филмови, кои се релевантни и на овие простори. Осум филмови се дел од официјалната компетиција за фестивалските награди, меѓу кои има и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово. Во рамките на фестивалските содржини се „Режисерот во фокус“, австрискиот маг Михаел Ханеке, чии први три филма го трасираа неговиот пат до европскиот и светски врв, потоа изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“, кој на домашните киноплатна ќе ни ја претстави тамошната актуелна кинематографија.