Фото: Музеј Галереија

Синоќа во Музеј-галерија во Кавадарци беа отверени двете изложби на Друштвото на
ликовните уметници на Македонија под наслов „Мал формат“ и „МиниАРТура“. Беа изложени повеќе од 120 дела од 65 автори изработени во различни техники под заеднички именител минијатурни уметнички дела што воедно претставуваше несекојдневна можност на едно место да се видат дела на толку современи македонски автори.

Годишната изложбата „Мал формат“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија 2024г. и овојпат дава исклучителна можност за запознавање со ликовната продукција на најголемиот број членови во тек на последната календарска година. Затоа според зборовите на претседателката на ДЛУМ Јана Манева Чуповска ова групно претставување ја прави изложбата потполно хетерогена, со обединувачки карактер виден во дефинираната временска рамка и разновидноста на изложените ликовни дела како носечки концепт.

Делата со мал формат нудат посебно искуство во споредба со поголемите платна, тие ги покануваат гледачите да се приближат, да се вклучат подлабоко и да размислуваат за уметноста во личен, интимен простор. Шармот на овие дела лежи во нивната способност да ги кондезираат сложените емоции и наративи во ограничен простор. Ова ограничување на просторот го принудува уметникот да размислува критички за композицијата , бојата и формата. Во малите дела, секој елемент носи значајна тежина за разлика од делата со голем формат каде што уметникот може да има поголема слобода да создава драматични контрасти или широки потези, овде се бара прецизност и фокус. Токму намалената големина може да го зголеми емоционалниот интензитет на овие дела, правејќи ги да изгледаат поранливи па дури и поинтензивни од поголемите формати- рече на отворањето на изложбите Трајче Цветков кустос
во Музеј -галерија.

За професорката Катерина Таневска со изложбите „Мал формат“ и „МиниАРТура“ 2024
денешната генерација на ДЛУМ одговори на предизвиците како ликовна провокација
претставувајќи енергични,креативни и квалитетни дела во магични мали и магични минијатурни димензии. На оваа изложба се претставени дела во дводимензионален и тродимензионален формат-цртежи, слики, скулптури, графики, колажи, објекти и дела во други техники од членовите на уметничката асоцијација која официјално е формирана 1946 година.

Во текот на една календарска година ДЛУМ организира и повеќе проекти и
традиционални изложби меѓу кои се: Изложба на новите членови на ДЛУМ, Експериментален цртеж, Голем формат, Екс-либрис за графика, Современа скулптура, Годишна ревијална изложба, биенална манифестација, Зимски салон, Мал формат и МиниАРТура нкско и други проекти кои исто така можат да бидат дел од ликовната програма на Музеј-галерија Кавадарци подвлече во своето обраќање на отворањето на изложбите Катерина Таневска. М.М.