Новата манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ преку неофицијална програма започна со славење на историјата и културата. Музичките настани што се организираат во чест на Смилевскиот конгрес, според организаторите, се своевидна културна револуција со израз на авторската уметност.
Директорот на установата Владимир Деловски нагласи дека концертот под името „Кооперација сешн“ е поттикнат од значењето на постојаната соработка на уметниците и културните работници преку која им се оддава почит на традицијата и на македонската историја.
– Кооперацијата е како културна институција, како белег од минатиот век, ми се чини како познат извик од времето на моите родители, како повик кон ближен човек, што на истите струни ги произведува истите треперења. Новиот културен Смилевски конгрес, калем на историската вредност и приспособен во новиот контекст и време, ја продолжува истата таа борба, овој пат културна борба – вели Деловски.
Настанот се одржа под наслов „Кооперација, селското бифе – синоним на заедништво и кооперативност“, или место каде што новоформираната установа „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево започнува да ги афирмира програмските идеи за промоција на историјата и традицијата на револуционерите од Илинденското востание. Деновиве се одржа првиот концерт од серијата „Кооперација сешн“, на кој настапи мистичната и харизматична „Мојра“ со маестралниот музичар Оливер Јосифовски („Љубојна“). „Кооперација сешн“, како што најавува организаторот, е номадска платформа за квалитетна авторска музика, која ќе се изведува низ кооперациите во регионот.
Централната манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе се одржи на 17 и 18 мај во Смилево.