Ревијата „Денови на македонскиот филм“ ќе започне со целокупната колекција на филмовите на браќата Манаки, дигитално реставрирани во 2013 година во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта

Во киното на Словенечката кинотека во Љубљана, Словенија, Кинотеката на Македонија ќе претстави избор од филмски наслови од домашната кинематографија до 18 септември. Изборот вклучува неми филмови од почетокот на кинематографијата на Балканот, потоа етнографски документарни, како и играни и анимирани филмови. Ревијата „Денови на македонскиот филм“ ќе започне со целокупната колекција на филмовите на браќата Манаки, дигитално реставрирани во 2013 година во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Една од најинтересните и оригинални презентации на оваа ретроспектива ќе биде изборот на македонски етнографски филмови, селекција од осум документарни филмови во кои се прикажани разни обичаи и етнографски елементи од Македонија и етничките, односно религиски групи што живееле во минатото. Во рамките на овој дел ќе бидат прикажани филмовите „Дервиши“, во режија на Ацо Петровски, во кој се прикажуваат обредите на дервишката секта Руфаи. Потоа следуваат филмовите: „Ѓурѓовденските обичаи“ во режија на Благоја Дрнков, посветен на прославата на празникот Ѓурѓовден во селото Булачани од Скопска Црна Гора, како и три филма по сценарио на Вера Кличкова, пионерка во визуелната етнологија во земјава, која твори во шеесеттите години на минатиот век, било како соработничка, сценаристка, но и режисерка.

Тоа се филмовите „Азот“ и „Велигденски обичаи“ во режија на Ацо Петровски и сценарио на Вера Кличкова, и „Рибарството во Катлановско Езеро“, во режија и сценарио на самата Кличкова. Во оваа група се вклучени и „Дае“ на Столе Попов (првиот македонски филм номиниран за „оскар“), „Галичка свадба“ во режија на Ацо Петровски и „Довикување на пролетта“ во режија на Трајче Попов, а посветен на дервишкиот обичај на довикувањето на пролетта од дервишката секта во Призренското теќе.
Покрај етнолошките, ретроспективата ќе вклучи и селекција на македонски анимирани филмови, од почетокот на појавата на македонската анимација, па сè до денес. Ќе бидат прикажани филмовите „Адам (5 до 12)“ и „Ембрио Но.М“ во режија на Петар Глигоровски, „Водач“ на Бранко Ранитовиќ, „Отпор“ на Боро Пејчинов, „Рака“ и „Пецко – Голем нос“ на Дарко Марковиќ, „Хомо екраникус“ на Делчо Михајлов и „Црно знаме“ во режија на Мирослав Грчев, како и два анимирани филмови од поновата македонска анимација – „Кружното патување на Марето“ на Жарко Иванов и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.
Македонскиот игран филм ќе биде претставен со долгометражниот „Илузија“ во режија на Светозар Ристовски, во оваа ревија специјално наменет за младата публика, и играниот филм „Време без војна“ во режија на Бранко Гапо, како македонски претставник на таканаречениот „црн бран“ на југословенскиот филм. Ретроспективата ќе биде заокружена со најуспешниот македонски документарен филм – носителот на две номинации за „оскар“ – филмот „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов.