Во „Чифте-амам“ е изложена „Дама со девет камења“ на Иванчо Талевски.
„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал за да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.
– Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Иванчо Талевски со своите цртежи изработени со јаглен ги бележи времето и просторот преку претставување реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Изработката на овие цртежи почнала како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, овозможувајќи откривање неочекувани вкрстувања, создавање простор што фигурира помеѓу нештата, каде што коегзистираат различности и различни елементи, идеи, идентитети и случувања – информираат организаторите.
На некој начин, цртежите претставуваат почувствувани ривербрации од околината. Самата процедура потсетува на хаику-поезија, во која нема рима, а елементите постојат како фрагменти што ги нагласуваат времето и просторот. Овој процес на цртање резултира со колекција фрагменти што се мобилизирани и активирани преку рефлективни и рефлексивни процеси, соработки, дијалози и генеративни хипотези. Цртежот како медиум овозможува непосредно и моментално бележење на соодносот на телото со тлото, помеѓу различни локации и јазици.
Паралелно со овој циклус негови цртежи, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков. Освен што бил кројач, Цепенков патувал во многу села и градови низ Македонија и не само што запишувал усни преданија од различен карактер туку и изработувал цртежи, кои претставуваат редок пример на профан ликовен израз од ваков карактер од тој период во регионот. Цртежите од Цепенков изобилуваат со прикази на разни видови музички инструменти, дијаграми за детски игри, алати, алишта и обредни орудија. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно еден дијалог на Талевски со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Преку свои исцртани музички нотации, базирани врз избрани цртежи од Цепенков, Дуковски презентира звучен материјал, кој во соработка со Талевски е дел од аудиоинсталација што ќе биде претставена како дел од овој проект. Фокусирајќи се на изгубените цртежи на Цепенков, нивното значење, историја и потенцијална интерпретација, Талевски и Дуковски се стремат кон проучување на звукот и цртежот, третирани како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото, која се манифестира во аудиовизуална интервенција.
„Дама со девет камења“ го третира цртежот како тенок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот „Чифте-амам“ на Националната галерија, претставува една поширока адаптација и нова обработка на ова дело, кое за првпат беше претставено во Центарот за графика во Филаделфија, во септември 2021 година.