Швајцарскиот писател Јонас Лишер ни прикажува една фиктивна приказна за кризата во 2008 година што е сместена, ни помалку ни повеќе, на милионерска свадбена прослава во луксузно одморалиште во Тунис. Јонас Лишер го промовира својот роман во Македонија, во соработка со издавачката куќа „Артконект“
Јонас Лишер, швајцарски писател
Што се случува со човекот кога ќе изгуби сè? Кога незапирливиот пад на берзата прекуноќ ќе го стопи целото негово богатство? Во „Пролет на варварите“, швајцарскиот писател Јонас Лишер ни прикажува една фиктивна приказна за кризата во 2008 година што е сместена, ни помалку ни повеќе, на милионерска свадбена прослава во луксузно одморалиште во Тунис. Токму во ова одморалиште, на своето службено патување престојува швајцарскиот претприемач Прајзинг, кој има можност да го запознае свадбеното друштво на лондонски банкари и бизнисмени и да го посведочи нивниот пад во варварство по прогласот на државниот банкрот. Но како доаѓа до сето тоа? Кој е одговорен, а кој е засегнат од ужасниот настан наречен финансиски крах?
Јонас Лишер, роден во 1976 година, е едно од најеминентните имиња на современата германскојазична книжевност. Неговата дебитантска книга „Пролет на варварите“ (2013) се смета за еден од општествено најрелевантните текстови на современата европска книжевност и беше номинирана како за Германската така и за Швајцарската книжевна награда за роман на годината. Јонас Лишер го промовира својот роман во Македонија, во соработка со издавачката куќа „Артконект“.
„Пролет на варварите“ ни дава приказ на еден неверојатен пресврт. Од живот во луксуз до немање средства и замрзнати сметки… Што ве поттикна да се позанимавате со приказна за банкротот и финансиската криза?
Почнав да ја пишувам книгата есента 2010 година, под голем впечаток на тогашната финансиска криза. Ние, како општество, имаме тенденција да забораваме доста брзо, но во тие години имаше денови кога не можевме да бидеме сигурни дека финансискиот пазар и економијата нема целосно да се срушат и да нè остават одеднаш во нов свет.
Во само една ноќ животите драстично се менуваат. Англија пропаѓа дури Прајзинг спие, се случува историско тонење на валутата… Државен банкрот, а главните ликови не се ни свесни дека остануваат со празни сметки, срушени домови, празни автомобили… На што алудирате при целиот колапс? Какви размисли сакате да испровоцирате?
Ме интересира колку цивилизацијата би била истрајна при вакви драстични настани – дали цивилизацијата е само тенок слој лак обоен над варварството? И бев многу заинтересиран да истражам како различни средини би реагирале во таква ситуација.
Човек станува животно кога станува збор за неговите заштеди… Колку има вистина во оваа реченица?
Се плашам дека е мошне точно – но, и ова е важно, секако не за секого. Како и во мојот роман, не сите ликови стануваат варвари. Некои од нив навистина прифаќаат дека изгубиле и дека ќе дојде ново време.
Какви пораки можат да се извлечат од „Пролет на варварите“?
Мислам дека книгите не треба да имаат пораки. Секако не оние што авторот треба да ги објасни. Убеден сум дека добрата литература поставува прашања наместо да дава одговори.
Кои се најчестите прашања што ги добивате од читателите?
Затоа што „Пролет на варварите“ често се чита како критичка книга за капитализмот, дали верувам дека треба да го надминеме капитализмот. И ова е тешко прашање, бидејќи јас навистина немам алтернатива за капитализмот. Но барем би рекол дека тоа е систем со многу недостатоци, некои од нив неразделиви од идејата и механиката на капитализмот. Значи, дури и со неуспешниот експеримент со комунизмот, сепак не треба да престанеме да размислуваме за нови идеи и алтернативи. Денес претпоставувам дека климатската криза ќе нè принуди целосно да го премислиме општеството.