Во „Галерија 2“ во Младинскиот културен центар – Скопје ќе се отвори архитектонската изложба насловена „Скопје: нови индустрии на стари локации“.
Архитектонската изложба „Скопје: нови индустрии на стари локации“ е резултат на едногодишен научноистражувачки проект насочен кон мапирање, проучување, вреднување и промоција на напуштениот индустриски простор, како можност за иден економски, просторен и програмски развој на градот Скопје. Проектот го истражува и претставува процесот на реиндустријализација во градот Скопје, кој, иако има позитивна улога во регенерацијата и рационалното искористување на урбаниот простор, се случува во сенка на процесите на деиндустријализација и пренамена на индустриските локации за други неиндустриски намени што имаат многу повидливо влијание на просторот. Целта на проектот е да го афирмира пристапот на обнова и повторно користење на овие локации за нови производни незагадувачки индустрии, во прилог на јавното добро и во корист на жителите на градот Скопје.
Учесници во научноистражувачкиот проект се: вонр. проф. д-р Горан Мицковски, раководител на проектот, вонр. проф. д-р Ана Ивановска Дескова, вонр. проф. д-р Јован Ивановски, асс. м-р Димитар Крстески, асс. м-р Теа Дамјановска, асс. м-р Mихајло Стојановски и Мила Гавриловска. Научноистражувачкиот проект е финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во реализација на Архитектонскиот факултет.
Изложбата ќе трае до 30 март 2023 година.