Амбициозни изложби на делата на Винсент ван Гог се планирани за следната година, вклучувајќи три во „Музејот на Ван Гог“ во Амстердам. Музејот е отворен во јуни 1973 година, па оттука наредната година ќе ја одбележи 50-годишнината со две големи поставки што ќе се организираат во соработка со Институтот за уметност во Чикаго и со музејот „Орсе“ во Париз. Она што е особено возбудливо во глобалната изложбена програма за 2023 година е тоа што изложбите ќе отворат нов поглед на творештвото на уметникот, наместо вообичаеното изложување на ремек-делата на Ван Гог, кои се најпознати за јавноста.
Изложбата „Климт: Инспириран од Ван Гог, Роден, Матис“ е отворена во „Музејот на Ван Гог“ во Амстердам до 8 јануари 2023 година, а следната година ќе продолжи и во Виена, во „Белведере“ (3 февруари – 29 мај 2023 година). Врз основа на свежото истражување, поставката го истражува влијанието на претходните мајстори на авангардата врз Густав Климт. „Избирајќи го Винсент: Од семејно наследство до светски позната колекција“ е насловена поставката (10 февруари – 10 април 2023 година) што го раскажува она што „Музејот на Ван Гог“ го нарекува „лична приказна за сомнежот, неуспесите, гордоста и триумфот“. „Ван Гог, Сезан, Ле Фоконие и школата Берген“ (29 април – 3 септември 2023 година) ќе се фокусира на сликарите што работеле на колонијата на уметници во холандското село Берген околу 1914 година. Поставката го разгледува влијанието на Ван Гог, Сезан и францускиот кубист Анри Ле Фоконие на сликарите во Берген. „Неговите последни месеци“ прво ќе биде претставена во „Музејот на Ван Гог“ (12 мај – 3 септември 2023 година), а потоа во музејот „Орсе“ во Париз (26 септември 2023 – 28 јануари 2024 година). Уметникот дошол во Овер, село северно од Париз, пристигнувајќи од азилот во Прованса. За време на неговите 70 дена, тој завршил 70 слики, што е неверојатно достигнување. Потоа се случи трагедија. Винсент се застрелал додека бил на полињата со пченица. Изложбата ќе го истражи неговиот пат до славата. Вклучени се околу 50 слики на Ван Гог.
Ван Гог ќе се претстави и во Америка, на Институтот за уметност во Детроит, на изложба отворена во октомври што ќе трае до 22 јануари 2023 година. Новонајавената изложба во Рим следната година ќе носи наслов „Ван Гог: Ремек-дела од музејот Крелер-Милер“, а ќе се одржи во „Палацо Бонапарта“ (8 октомври – 26 март 2023 година). Ќе има 50 слики и дела на хартија што доаѓаат од музејот во Отерло. Националната галерија на Лондон, пак, организира голема манифестација во чест на сликарот во 2024-2525 година, фокусирајќи се на неговиот најголем период поминат во Прованса, со наслов „Ван Гог: Поети и љубовници“.