Професор Ванчо Узунов/Фото: Архива

По повод падот на американската валута

Доларот е на најниско ниво во изминатите седум месеци (еден долар моментно чини 0,92 евра), а финансиските експерти предвидуваат негов дополнителен пад бидејќи се очекува Федералните резерви на САД да ги намалат каматните стапки. Ваквата состојба е во спротивност со претходното јакнење на американската валута во текот на минатата година, што се должеше на отпорноста на економијата на САД на енергетската криза. Падот на доларот не се очекува да се одрази врз македонската економија, додека одлуката за штедење во долари на граѓаните претставува индивидуален девизен ризик, според универзитетскиот професор Ванчо Узунов, кој за „Нова Македонија“ ја искоментира моментната состојба на девизниот пазар.

– Кој лично купувал долари и решил да штеди во долари, тој преземал индивидуален девизен ризик, исто како што е случај и со криптовалутите. Тоа одговараше кога доларот бележеше раст, но сега веќе не е така и тука е ризикот. Ваквите валутни и девизни размени порано беа секојдневие за граѓаните, па и за фирмите, кога секоја држава имаше сопствена валута. Сега не се толку чести кога доминираат две-три валути, но сепак ги има, без разлика дали се купуваат евра, долари или франци. Не сметам дека на овој начин може да се оствари и некоја значителна добивка, бидејќи кај нас се држиме до еврото. Ваквата состојба не треба да претставува грижа на државата – објаснува Узунов.

Македонија е врзана за еврото во трговската размена, па според Узунов не се очекува падот на доларот да влијае врз домашната економија.

– Не очекувам импликации за целата економија од падот на доларот, бидејќи ние сме врзани за еврото во трговската размена, па и инвестициите се во евра, додека ситуацијата е иста за целиот свет во однос на девизните резерви – заклучува Узунов.

Индексот на доларот вчера се намали на 101,53 поени, што е најниско ниво уште од 31 мај минатата година, откако во септември надмина и 114 поени. Индексот на американската валута потоа се искачи до 102,4, според податоците на „Фајненшл тајмс“. М.Ж.