Јапонскиот писател ги наоѓа својата инспирација, мотивација и задоволство во физичката активност. Трчањето му стана хоби и навика и најважно, извор на неизмерна креативност

Оноре де Балзак пиел по 50 шолји кафе на ден. Веднаш зад него е и Волтер со 40 кафиња. Хемингвеј пасионирано пушел луле и уживал во алкохолот, а многу писатели не ги испуштале од рака цигарите за време на најинспиративниот момент. Сите тие дневни ритуали се дел од нивниот живот и животен стил.
Кога гледаме филмови за големите писатели или кога ги читаме нивните биографии, цигарите некако се неизоставен дел од нивниот опис. Дури и фотографиите на писателите изгледаат интересно со кафе и дим од цигара. Дали цигарата е основа на мотивацијата или е само придавка приврзана кон писателите како дел од нивната навика? Дали нездравиот начин на живот е неопходен за да излезат големи и звучни дела од нивната работа?
Харуки Мураками, јапонски писател, го урна овој мит, тој е целосна спротивност на некои мислења дека уметничкиот чин во основа на својата структура обединува елементи на нездрав и асоцијален живот. Иако бил пушач со години, денес мотивација и задоволство наоѓа само во физичката активност. Трчањето му стана хоби и навика и најважно, извор на неизмерна креативност. Толку многу што напиша книга за трчањето. Во книгата „За што зборувам кога зборувам за трчањето“, Мураками ја идентификува тешкотијата на пишувањето со онаа додека трча.

– Во професијата на писателот нема пораз или победа. Најважно е дали она што го напишавте ги исполнува критериумите што сами си ги поставивте, а овде изговорите немаат важност. Во овој контекст пишувањето роман е како трчање цел маратон. За творецот, оваа мотивација лежи во него, тивко и постојано, и не мора да има форма или критериум видлив за окото – вели Мураками.
Мураками досега истрчал голем број маратони, од кои убедливо најфасцинантен е маратонот од Атина до гратчето (некогашно воено поле) Маратон од дури 100 километри.
– Додека трчам не морам да разговарам со никого, ниту да слушам нечии приказни. Доволно ми е само да го гледам пределот наоколу или да се фокусирам на самиот себе. Тоа се драгоцени моменти, кои со ништо не би ги менувал. По правило трчам во празнината. Или обратно, трчам да стекнам празнина. И во таа празнина некогаш ќе се пикне некоја мисла – вели Мураками.
Од неговата 33-та година, не поминал ден, освен кога бил болен, да не трча. Тогаш сфатил дека животот е еден вид повторување, но не во негативна смисла.
– Колку повеќе ќе се наталожи искуство и ќе се нанижат години, сѐ се сведува на повторување на едно исто. Мислам и дека некои процеси не трпат модификација.

А доколку неминовно мораме да бидеме дел од тој процес, сѐ што можеме е сами да се вклопиме во тоа непрестајно повторување и да го прифатиме тој процес како дел од својата природа. Да се излезе од кругот на индивидуалните граници, макар и да се работи за мал успех, е суштината на трчањето, а истовремено метафора за животот, за мене и метафора за пишувањето – вели јапонскиот писател.
Оваа книга е настаната како куп записи по трчањето, главно нафрлени мисли. Распоредена е врз основа на датуми и места на трчање и напишана е во форма на кратки есеи. Со оваа книга Мураками го урна митот дела писателите само пијат кафе и пушат цигари и докажа дека создавањето и креативноста се возможни и преку многу други, здрави методи.