Отворањето на 22. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2021 ќе биде на 5 ноември (петок) со концертот на националниот ансамбл „Танец“ и Влатко Стефановски, со почеток во 20 часот во Салонот на Националната опера и балет.
Националниот ансамбл „Танец“ повеќе од седум децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. Генерации и генерации играорци, пејачи, музичари, кореографи, со огромна љубов ги чуваат народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го презентираат македонскиот бит пред светот. „Танец“ е бренд каде и да настапи на земјината топка. Ја освојува публиката со својата професионалност и совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство.

Влатко Стефановски е стар пријател на „Танец“, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Секогаш соработките со „Танец“ ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост. Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на „Танец“ се неизоставен дел од неговите изведби, Влатко, освен повремените еднократни настапи со „Танец“, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот.
Билетите се во продажба на karti.com.mk и пред почетокот на концертот во Националната опера и балет. Концертот ќе се одржи согласно ковид-протоколите за одржување на настани.