На македонскиот писател Јордан Плевнеш денеска свечено ќе му биде доделена Гран-при наградата, што го носи името на Анри Делуен, за афирмација на неговиот творечки опус во Франција и интернационалниот франкофонски простор, на предлог на претседателот на Универзитетот Сорбона 2, Пантеон Асас, најстарата француска институција – Француската акедемија.

Претседателот на Универзитетот Пантеон Асас Сорбона 2, професорот Стефан Бракониер, непосредно пред доделувањето, го прими во работна посета претседателот на Интернационалниот Универзитет Европа Прима од Скопје, Јордан Плевнеш.

На средбата беа договорени повеќе заеднички научно-истражувачки проекти, кои ќе ги водат професорите и студентите на двата универзитети во рамките на Еразмус плус програмата. Проектите се однесуваат на историјата на репортерското и креативно новинарство во францускиот и македонскиот документарен филм, како и во искусувањето на дигитализацијата на музејското име во двете држави.

Бракониер во очи на доделувањето на наградата ја истакна големата сатисфакција на оваа институција од тој академски чин, кој ќе ја продолжи со нови творечки достигнувања долгогодишната високо-образовна соработка меѓу француските и македонските универзитети. Плевнеш веќе пет години одржува серија на предавања за светската драматургија и театар во рамките на постдипломските и докторски студии токму на Универзитетот Пантеон Асас Сорбона 2.

Во контекст на доделувањето на наградата на Плевнеш, Универзитетот Пантеон Асас Сорбона 2 објави специјална брошура посветена на македонскиот драматург и писател, на чии осумдесет страници се прави осврт на неговото творештво дело.

Француската академија ќе му ја додели наградата на Плевнеш, под „Куполата на бесмртните“ – како што се нарекува Француската академија.

Претседателот Стево Пендаровски исто така изрази задоволство од доделувањето на признанието, обраќајќи се преку писмо до Вечниот секретар на Француската академија, Елен Карер д’Анкос.

Плевнеш живее и твори во Париз повеќе од три децении, автор е на десетина драмски дела пишувани на француски јазик и играни во Европа и во светот.

Неговата драма „Среќата е нова идеја во Европа“ за која пишувале водечките светски медиуми во рамки на Балканската трилогија, е играна во 120 театри во Франција. Плевнеш е автор и на два романи на француски јазик, од кои првиот Осмото светско чудо е објавен од Табле ронде – Галлимард, а вториот роман, Романот за Тајната книга, кој заедно со македонско-францускиот игран филм е претставен на голем број водечки фестивали во светот.

Плевнеш исто така објавува авторски текстови во „Ле Монд“, „Фигаро“, „Ла Кроа“, „Либерасион“ и во врвни научни списанија. Неговите текстови и драми се објавувани и поставувани во поголем број членки на Интернационалната организација на франкофонија.

Во француската ревија „Документасион Франсез“, Плевнеш е автор на обеменото научно истражување за покренувањето на дваесеттина ревии на француски јазик во европските метрополи, од страна на македонската интелигенција, која сонуваше за македонска самостојна држава во заедничкиот европски дом.