ФОТО: приватна Архива

Познатиот македонски пејач на забавана музика Ѓоко Ѓорчев, се уште е под импресии од неодамнешниот концерт што заедно со своите пријатели го одржа под ведро небо во Старата чаршија во Неготино. На репертоарот беа неговите најголеми хитови, но и познати екс-ЈУ песни и светски мелодии што македонскиот Том Џонс секогаш со задоволство ги исполнува. Негови гости беа: Ристо Самарџиев, Кате Танева од групата „Нели ти реков“, Кате Брезева од „Соната“, Трајче Бондиков, Благица Николова и композиторот Сашо Георгиев, кој му ги напиша неговите најголеми хитови.

ФОТО: приватна Архива

– Првпат пред моите неготинчани запеав лани во октомври, но слободно можам да кажам дека она што се случи во петокот вечерта беше вистински спектакл. Целата Стара чаршија беше преполна со луѓе од повеќе генрации, игла немаше каде да падне. На мое големо задоволство во текот на целиот концерт публиката која дојде и од други градови на Македонија, пееше со мене и со моите гости. Како што кажа мојот драг пријател Ристо Самарџиев, кој ме почести со своето присуство, атмосферата наликуваше како да сме некаде на Јадранот, а за тоа секако придонесуваа и хитовите на Мишо Ковач и на групата „Про арте“ што ги отпеав. Ги пеев и песните на мојот идол Том Џонс, кои исто така ги прифатија присутните со ракоплескање што за сите нас беше галење на душата!- ни рече Ѓоко Ѓорчев.

Тој ги отпал и: „Последен танц“ со Кате Танева, „Моја златокоса“, „Емилија“, „Заскеогаш ти“….

– Се редеа големите евергрини на Енгелберт Хампердинк, Јелена Розга и многу други, но кога ја запеав мојата „За еден ден молам“ се случи вистинска еуфорија. Целата публика ја пееше во еден глас со мене. Хорското пеење со публиката продолжи и кога Ристо ја исполни „Таму кај што си“, а Кате Танева – „Никој ме нема така љубено“, Кате од „Соната“ ја испеја „Последња и прва љубави“, а Благица евергринот на „Силви бенд“- „Ангели ме носат“ ……. Три и пол часа атмосферата беше врвна, не пречеше ни температурата над 30 степени Целзиусови, а оваа ноќ за паметње заврши во 1 часот по полноќ. Многу ми е драго што имаше и млади луѓе што ги пееја моите епсни, што е за мене потврда дека во изминатите 35 години сум оставил трага во македонската забавна музика – вели Ѓорчев.

Тој од срце им е благодарен на неговите сограѓани што застанаа зад овој проект, за кој се надева дека ќе стане традиција.

– Неколку големи брендови застана зад овој настан, насловен „Ѓоко Ѓорчев и пријателите за Неготино со љубов“. А јас додека ме држи галсот ќе пејам, угледувајќи се на мојот омилен Том Џонс. Кога тој се уште пее на свои 84 години, зошто тоа да не го правам и јас на 68. Сега одвреме на време настапувам и во елитни ресторани и клубови, зашто нели формата мора да се одржи. Во моментот сум ангажиран со средување на видео материјалите од неодамнешниот концерт и имам намера да ги поставам наскоро на мојот канал на Јутјуб – ни откри попоуларниот неготинчанец.

Бидејќи секогаш е расположен за нешто ново Ѓоко Ѓорчев многу се израдувал кога неговиот пријател и соработник Сашо Георгиев од групата „Нели ти рекол“ му открил дека му подготвува изненадување.

– Сашо ми рече дека во монетот реаботи на песната што ќе го одбележи мојот живот, нестрплив сум да ја слушнам – вели Ѓоко Ѓорчев.

М.Т.