МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Пред да помислиме дека можеме да ја разбереме големината на Македонија, мораме да ги соблечеме вештите маски на денешницата. Живееме во време на големи преобразби, каде што границата помеѓу она што е „можно“ и она што е „лудост“ ја исцртуваат оние што се плашат од сопствената сенка. Честопати нѐ прашуваат: дали утопија е само празен збор во старите книги или е ехо на една подлабока вистина што ја носиме во крвта? Утописки ли се посакувањата на Македонците? Овој фељтон не е само набљудување; тој е повик за враќање кон изворот. Зашто, за да ја пронајдеме и разбереме духовната сила на Македонија, мора прво да се разбудиме од сонот на материјалното ропство. Ова е фељтон за оние што не се плашат да чекорат низ маглата на историјата и претставува мост помеѓу она што оние пред нас биле и она што допрва треба да станеме.
Што е утопија? Дали таму луѓето се почитувале и заемно ги уживале благодатите на природата? Можеби книгата насловена „Утопија“ може да ни донесе нови моменти во доживувањето на секојдневието? И покрај тоа што во Утопија се презентирани филозофските и политичките убедувања на Мор, изгледа како целиот свет да ја има пропуштено поентата на книгата. Самиот збор утопија продолжува да биде синоним за оптимистички, но, сепак, непрактични идеали за реформа. Сер Томас Мор бил векови напред пред своето време, што претставува една од причините зошто неговите современици не успеале да го почитуваат. Тој припаѓа на времиња коишто уште не дошле, време кога очајот на луѓето од дилемите со кои се сега соочени, преку она што за нив е практично, ќе се претвори во решенија што сè уште се дефинирани како непрактични.
Поставените стандарди од она што е прифатено како начин на управување со трудот на населението се основани на поредок што веќе со сигурност не е во можност да продолжи да контролира нешто што е дадено како природно право. Бидејќи природното е и нормално, разбирлива е надежта за остварување на мечтите и желбите од генерациите што живееле на овие простори.
НЕДОЈДИЈА еднаш името ми беше,
Место кај што никој никогаш не дошол.
За земја – посестрима на Платона сал Републиката ја имам, но од неа полична сум;
Оти обичен си беше таа прозен мит,А ја сум тоа што таму пишано е, За луѓе, бериќет, закони и цврста рамка,Место сум кон кое секоја мудра глава ита:
ПОЈДИЈА е сега името што го носам.
(Томас Мор – „Утопија“)
(утопија, мн. утопии; вид збор: именка, женски род; неостварлива мечта, мисла, замисла, желба…)
Штом уште од раниот неолит имале организирани населби и управувани заедници, а тоа било продолжено и во раната антика, насилната поделба со ѕидови пред точно еден астрономски циклус успеала да го спречи ширењето на оваа древна култура, но вековите од тогаш до сега не ги избришале сеќавања силно врежани во колективната меморија и гените на наследниците на овој стар народ. Природата овозможила и повеќе од доволно за кој и да живее овде да може да има надеж дека, сепак, она што колективно е прифатено како непрактично, конечно да може да се погледне од друга точка на перцепција и по соодветното аплицирање на моменталната состојба, дури и да се апсолвира како решение за вештачки креираните проблеми. Дејствувањето на начини различни од колективните мејнстрим-норми е сè попотребно, а поставувањето на општествените стандарди според идеалите на древните сонувачи е неопходно. Дали сите тие древни идеали на илуминизираните спасители и мудреци имаат нешто општо со маскираните дисторзирани продукти од квазиреалноста на денешницата? Што е реално, а што реалност?
Низ целиот свет безброј мажи и жени се притиснати од невидлива сила – од бездушниот културен систем на секојдневието. Сите тие очајно се надеваат за промена, сонуваат дека можеби забранетата убавина и чистина ќе бидат заменети од нешто практично, во највисоката и вистинска смисла на зборот. Ретки се оние што можат да спознаат дека таканаречената цивилизација во нејзината денешна форма е пред исчезнување; дека студенилото, бесчувствителноста, комерцијализираната материјална ефикасност се непрактични, и дека важно е само она што нуди израз на вистинската натура на човекот – можноста за експресија и практикување љубов и вистински идеали. Едноставно – сè што му треба на овој свет е среќа, но човештвото како да не ја познава насоката каде што истата таа треба да ја побара. Луѓето треба да научат дека среќата е круна на човечката потрага по разбирање. Само преку реализација на бесконечната добрина и вечниот успех може да се обезбеди мир на внатрешното Јас. И покрај геоцентричноста на човекот, постои нешто во човековиот ум што се обидува да достигне до филозофијата – не до овој или оној код, или преку некаква техника, до од човек определени, ко божемски нивоа на еволутивен развој, туку едноставно до филозофијата како љубов кон мудроста. Само древните мистерии како свети образовни институции за мудрост можат да го оттргнат превезот којшто го разделува светот на причините од светот на последиците. Човештвото и неговата борба за преживување треба да бидат повлијаени од вистинските возвишени принципи поради коешто истото, всушност, постои. Така цивилизацијата ќе го спознае прекрасниот универзум што е вистински дом на спиритуалното суштество наречено човек. Современиот начин на перципирање има потфрлено, поставувајќи параметри сврзани само со интелектуалниот процес. Материјалистичката мисла е безнадежна како кодекс, исто како и комерцијализираното секојдневие. Моќта да се размислува вистински – во балансиран сооднос со чистината на душата, е вистинскиот спасител на човештвото. Митолошките и историските спасители, откупувачи на туѓите гревови од различните ери и епохи биле само персонификација на таа моќ.
Тој што е малку порационален од неговиот сосед е и троа подобар од истиот тој. Тоа важи и за ближните, но и географски. Компаративниот рационален развој е вистинската мера за индивидуалниот еволутивен статус. Густата балканска историја ја одразува длабочината на она – што ѝ сторија на историјата. Без надминување на застарените кодекси на управување, новото време ќе биде саботирано од недостигот од чиста намера кај соседите, но и домашните. Сеќавањата на Румелија и на вистинското значење на терминот „црно злато“ за питите катран од нашите баби и дедовци, со втиснати печати од наполеончиња и други монети, се само момент од влијанието на природата врз колективното доминирање на материјалното. Спомените за флора и фауна на овие простори, но во состојба, којашто споредена со денешната е на повисоко ниво, претставуваат потсетување за капацитетот на природата од којашто потекнуваме.
Дочекавме да имаме автопат, аеродром, споменици, училишта, улици со името на Александар Македонски, па како и знамето, грбот и името на државата, се сменија и имињата со најголемиот цар од македонската историја, а не ни дочекавме да имаме некаков празник посветен на најголемиот цар на Македонија на сите времиња, камоли тоа да биде датумот на неговиот роденден?
Бидејќи, што повеќе може една република да побара отколку можноста да го докаже она што навистина е – вистинскиот сон што ги инспирира нејзините жители? Визијата што ги води во секојдневието? Луѓето се дел од природата, којашто дополнително дала подарок – да можеме да работиме. Преку трудот човекот ги спознава сите нешта и учи во секојдневието. Почитувањето на трудот на другите луѓе и здружување на силите за колективни и хумани цели се нивоа кон кои денешната утопија треба да се стреми. Бидејќи, реалноста е таа – каква и да е судбината, Македонија е вистината.
За времињата кога сите се менуваат.
Кога ќе стивнат сите гласови на минливото и кога ќе се разобличат сите лажни пророци на комерцијализираното секојдневие, ќе остане само еден цврст темел – вистината врежана во нашиот код, која е како лав и не треба да се брани, бидејќи е одбранета сама од себе. Утопија не е место на мапата, таа е состојба на духот како и Македонија. Нека овој текст биде сведоштво за нашето време и запишана надеж за сите години што доаѓаат потоа. Нашата борба не е само за преживување туку за достоинство во трудот и љубов во мудроста. И додека светот продолжува да се менува во својот навидум хаотичен поредок, ние се наоѓаме пред генерациски предизвик. Судбината може да биде непредвидлива, но нашата насока е јасна. Патот е отворен, а името на таа насока, на тој сон и на таа крајна реалност, засекогаш останува – Македонија.
продолжува
м-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)

































