Фото: ЕПА
  • Штом најголем дел од бугарските историчари тврдат дека ние Македонците сме имале „бугарски етнички корени“, тогаш логично е да ги погледнеме тие нивни корени за да видиме дали се тоа и „наши“ корени, пишува историчарот Александар Донски во обемна анализа, чија цел е да даде убедлив одговор за потеклото на Бугарите. Тој се осврнува на тврдењата на официјалната бугарска историографија за потеклото на Бугарите и на бугарскиот јазик, истовремено разбивајќи ја со аргументирани заклучоци бугарската пропаганда насочена против Македонија, вклучувајќи и забележани нелогичности во бугарската етногенеза и историја. „Нова Македонија“ во целост ќе го објави неговиот авторски текст

9. На крајот една порака и до бугароманите од т.н. „ВМРО“ во Бугарија (Македонци со испрани мозоци во однос на своето потекло). Г-да бугаромани, вие го величате Ванчо Михајлов како ваш „идол“ само затоа што и тој имал погрешни ставови во однос на постоењето на македонската нација (иако на почетокот на својата кариера давал и поинакви изјави). Од друга страна, Михајлов категорично се залагал за обединета и независна Македонија! Поради тоа бил осуден на смрт во Бугарија, а пресудата му била неколкупати потврдена. Така било со сите негови најблиски соработници. И тие биле апсени, затворани, а некои и ликвидирани од бугарските власти. Па ве прашувам вас како негови „обожаватели“: колкумина од вас се осудени досега во Бугарија заради барање автономија на Пиринска Македонија? Какви приврзаници на Михајлов сте вие ако ѝ служите на државата што своевремено го осудила на смрт вашиот идол? Ако сте навистина негови следбеници, тогаш вие би се залагале за обединета Македонија, па нека се декларира кој како сака во неа. Од вас денес во Бугарија се крие дека Ванчо Михајлов во 1932 година го востановил пиринскиот дел на Македонија како Пиемонт на идното обединување на Македонија. Тој таму воспоставил вистинска македонска држава.
Била забранета работата на сите бугарски политички партии и невладини организации, било забрането и интонирањето на бугарската химна, а наместо неа, на сите свечености во пиринскиот дел на Македонија била изведувана неофицијалната македонска химна „Изгреј зора на слободата“. Било забрането и веење на бугарското знаме (кое било заменето со вмровското црвено-црно знаме). Во училиштата во Пиринска Македонија по налог на Ванчо Михајлов биле отстранети сите слики на бугарскиот цар, а наместо нив биле поставени слики од Тодор Александров. Бил воведен посебен предмет „Македонска историја“, во кој се учела историјата на Македонија уште од античко време, а учителите ги држеле своите предавања на локалниот македонски дијалект, притоа укажувајќи им на учениците дека македонскиот народ е нешто посебно во однос на бугарскиот.

Дури и спомениците на бугарските војници што загинале во Балканските војни по наредба на Ванчо Михајлов биле урнати, нивните коски биле расфрлани, а на нивно место биле подигнати споменици на загинатите македонски четници. Биле направени подготовки и за организирање македонска војска, која требало да има и воени вежби. Сето ова предизвикало голем револт кај големобугарите, поради што група бугарски воени офицери објавиле брошура под наслов „Положението во Петричко“ (побарајте ја во вашите архиви, ќе се шокирате од нејзината содржина), во која биле наведени сите антибугарски дејства на Ванчо Михајлов и неговата ВМРО. Како резултат на тоа, во 1934 година во Бугарија бил изведен државен удар, ВМРО прекуноќ била забранета, нејзините членови биле прогонувани и апсени, а Ванчо Михајлов одвај успеал да побегне во Турција. Потоа Михајлов бил осуден на смрт во Бугарија, а неговата смртна казна неколкупати била потврдена. Интересно е што антибугарските дејства на Ванчо Михајлов денес се кријат од пошироката јавност во Бугарија (што е и разбирливо), но нејасно е зошто се кријат и во македонската јавност наместо да се искористат во борбата против бугарската пропаганда?
ЗАКЛУЧОК: Денешната македонската нација (како што оправдано тврди и македонската историографија) во најголем процент е составена од мешањето помеѓу домородните Антички Македонци и Словените, иако допрва треба да се истражува кој од овие два етникума колкав удел оставил кај денешните Македонци. Вистинските турко-монголски Бугари никогаш не се населиле во Македонија за да бидат тие „крвни предци“ на денешните Македонци. Што се однесува до денешните жители на Бугарија, тие во најголем дел се потомци на славниот антички народ Тракијци, но и на Словените, кои низ историјата (главно под влијание на Русија) го прифатиле туѓиот турко-монголски етноним „Бугари“ како свое етничко име.

Огромно е тракиското културно наследство кај денешните жители на Бугарија, а и истражувањата на ДНК во швајцарскиот институт „Игенеа“ покажаа дека во просек дури околу 50 отсто од гените на денешните жители на Бугарија се од тракиско потекло. Денешната бугарска пропаганда и историографија се свесни за овие нелогичности во нивната етногенеза и историографија, па затоа има толкава хистерија и упорно докажување дека сите жители на Бугарија се „Бугари“. Сепак, вистината не може вечно да се крие (особено сега со новите средства за комуникација), па веќе во Бугарија се јавуваат и првите национално освестени потомци на славните Тракијци, кои велат: „Ние не сме Бугари, туку Тракијци“. Ќе видиме до каде ќе оди сето ова.
Повеќе податоци за сето ова има во емисијата „Етногенетските разлики помеѓу Македонците и Бугарите“, која можете да ја видите на: https://www.youtube.com/watch?v=lSDOV0yfJTQ&t=982s\ Истата емисија титлувана на англиски можете да ја видите на: https://www.youtube.com/watch?v=mpQqRXAmdNI&t=2s

Александар Донски

Крај