Политиката како образовен и културен феномен

Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани

Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата (2)

Политичката култура е култивирана, општествено и индивидуално прифатлива употреба на политичките средства од страна на политичките субјекти во остварувањето на политичките цели. Политичката култура често се доведува во врска со политичката борба, со цел, во мера во која е можна, политичката борба да се стави во границите на културното, што значи прифатливо и достојно политичко однесување, како за човекот така и за општеството во целина.
Односот образование (овој пат и овде сфатено како едукација, обука и тренинг) и политика, гледан во современиот и актуелен момент, но и во историска перспектива е многу сложен. Тој е испреплетен и често замрсен, онака како што инаку можат да бидат замрсени односите и релациите во политиката, околу политиката и во допир со политиката. И образованието и политиката имаат ист објект на дејствување и влијание – човекот и општеството. Целите во еден дел (на политиката и на образованието) се исти, во друг се слични, а во трет дел, кој најчесто преовладува, се сосема различни. Оттука произлегуваат наведената замрсеност и испреплетеност на нивниот однос и нивните врски.
Односот помеѓу образованието и политиката може да се постави во две нивоа на разгледување и анализирање. Првото ниво е нивото во кое политиката е домен на образованието. Второто ниво е нивото во кое образованието е домен на политиката.
Основната врска и основниот однос на образованието и политиката во нивото во кое политиката е домен на образованието се однесуваат на знаењето и по својата природа се слични на основната врска и основниот однос помеѓу образованието и религијата, како и помеѓу образованието и културата. Овие врски и односи се остваруваат, набљудуваат и анализираат низ две призми. Првата е призмата низ која образованието се гледа и остварува како процес на стекнување знаења за политиката и од политиката. Политиката во сите свои домени, на сите нивоа и во својата вкупност е поле на факти, што значи дека е општествена реалност исполнета со материјални и духовни творевини, како и психички процеси, кои сите заедно го чинат знаењето. Тоа и такво знаење се учи, а го учат поединци, но преку нив и широките општествени групи, организации и заедници. Учењето на фактите за политиката и од политиката, кој било да ги учи, каде било да се учат и во која било форма да се учат (организирано или неорганизирано), во образовниот процес или вон него, со средствата на масовно комуницирање и/или во рамките на конституалните форми, претставува образование. Тоа и такво образование е посредник помеѓу политиката и поединецот. Тоа е трансмисиска сила, и тоа една единствена помеѓу политиката и личноста. Без образование, знаењата од политиката и за политиката би останале недостапни и најверојатно непознати за човекот. Човекот би останал политички неписмен.

На второто ниво (во кое политиката е домен на образованието), кое секако е пошироко, овој однос (на политиката и образованието) може да се разгледува како однос помеѓу политичкото образование (политичка социјализација) и политичката култура. Основна констатација е: политичката култура се спознава, стекнува и учи. Таа се пренесува од постарата генерација на помладата, но се усвојува, стекнува, учи, одржува и менува и во интергенерациски и внатрегенерациски односи и процеси. Политичката култура се менува и трансформира во изменети социоекономско-политички услови, а во одредени околности доаѓа до формирање нова политичка култура. Целината на тие односи и процеси е политичката социјализација. Политичката социјализација опфаќа севкупно политичко образование: формално и неформално, во институциите и надвор од нив, планирано и непланирано.
Политичката социјализација е слоевит процес на учење, кој се одвива еднакво на индивидуален план, организациски план и на план на општествената заедница како целина. На индивидуален план политичката социјализација е насочена кон создавање основен тип на личност потребен за репродукција на политичкиот систем. Станува збор за едукација и оспособување на поединците со оние знаења што им овозможуваат дејствување како политички актери во рамките на одреден политички систем. На организациски план станува збор за учење и оспособување на политичката партија како основен субјект во политичкиот систем. На општествен план политичката социјализација се појавува како целина на процеси преку кои општеството ги пренесува основните политички знаења, вредности и норми на однесување.
Политичкото образование (социјализација) има неколку основни функции: организациско-институционална функција (давање на знаења за политичките организации и функции); интегративна функција (се остварува со развивањето на подготвеноста на граѓаните да ги усогласуваат нивните политички интереси); идентификациска функција (се одвива преку заедничка политичка култура, која на поединците им овозможува поистоветување со партиските, државните и други колективитети); легитимациска функција (се врши со развивање доверба на поединецот во политичкиот систем); партиципациска функција (се остварува со информирање за процесите на политичкото одлучување); дистрибутивна функција (има задача да ја покаже оправданоста на дистрибуцијата на општествената и политичката моќ).
Агенсите на политичката социјализација може да се поделат во две групи: примарни и секундарни. Првите се латентни, неполитички и индиректни. Вторите се директни и политички. Во првата група спаѓаат семејството и блиските групи (работни, пријателски, рекреативни, спортски и други), а во втората група спаѓаат училиштето, политичките партии и непосредното политичко искуство.

Основниот однос на образованието и политиката, на ниво во кое образованието е домен на политиката, се однесува на политиката на едуцирање и оспособување. Таа понекогаш се нарекува воспитна, образовна и едукативна политика. Едукативната политика се одредува како вкупност на принципи, односи, форми и инструменти со кои се обезбедуваат и насочуваат развојот на образованието и оспособувањето во функција и интерес на сите членови на општествената заедница. Сето тоа е во согласност со социјалните, економските, културните и научните цели и потреби и на нив соодветните политики. Во тој контекст се опфатени сите мерки за да се обезбеди влијание на едукацијата и обуката. Секако, се употребуваат и средствата на масовно комуницирање и нивното влијание на јавното мислење. Ваквиот вид политичка едукација и обука може да бидат повеќе или помалку конзервативни или прогресивни. Тоа зависи од политичката борба, на политичката сцена, во периодот пред изборите, како и за време на самите избори.
Политичката партија што учествува на изборите и единствена цел ѝ е да победи и да ја освои или да ја задржи веќе освоената власт, мора да посвети големо внимание и грижа на едукацијата и обуката на нејзините членови и симпатизери, како и на нејзиното раководство, на државно, регионално и локално ниво. Учењето, стекнатото знаење и практичната примена на истото тоа во предизборниот, изборниот и постизборниот период се основна одлика на една модерна политичка партија, во смисла на организација што учи, напредува, знае и умее.

Сотир Костов

(продолжува)