Политичката партија како победнички бренд

Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани

Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата (11)

(Како се станува бренд-лидер – лидер бр. 1 во политиката?)

Диференцирајте го вашиот бренд. Ветете вредности за избирачите. Бидете лидер на политичкиот пазар. Интегрирајте ја вашата порака наменета за избирачите.
Кога се работи за вашиот бренд (вашата политичка партија), мора да нишаните прецизно – да погодите, а да не промашите. Есенцијата на вашиот бренд мора да биде исполнета со четири клучни елементи што му даваат „сок на животот“ и го прават победнички бренд. Доколку сте несигурни во вашиот настап на политичката сцена, или дури и полошо, доколку сте заглавени со неатрактивен имиџ, време е да го обновите и освежите вашиот бренд. Во процесот на обновата треба да ги следите следните упатства и доколку го направите тоа успешно вие сте на пат да создадете победнички имиџ на вашиот бренд.
1. Диференцирајте го вашиот бренд. Дадете му на брендот посебност и единственост. Основната цака во брендирањето е испраќање силна и конзистентна порака. Кога граѓаните ќе стапат во контакт со вашиот бренд, тие всушност го доживуваат брендот. За успехот на брендот, неопходно е неговиот изглед да биде единствен и оригинален. Но тоа не е доволно. Потребно е и искуството што граѓаните го доживуваат со него да биде автентично, и тоа на еден опиплив, безмалку физички начин.
Во маркетингот познат е парадоксот Фредкин, кој гласи: колку повеќе два производа се слични помеѓу себе, толку потешко е да се направи избор помеѓу нив, односно помалку е важно кој од нив ќе го одберете. Токму поради овој факт и парадокс од економската сфера, деловните субјекти се трудат нивните брендови да се разликуваат од оние на конкуренцијата, што е можно повеќе. Истото важи и за политичка партија. Таа мора да е единствена, автентична и посебна. Токму затоа неопходно ви е прецизирање на вашиот имиџ. Направете диференцијација! Доколку се диференцирате, што е особено важно кога вашата организација се наоѓа во арена на висококонкурентни услуги и најразлични понуди, тогаш бидете сигурни дека вашиот бренд ќе ја одвои вашата организација од мноштвото други и многу подобро ќе ја позиционира во свеста на граѓаните избирачи. Стратегиите за диференција вклучуваат посебни инвентивни понуди, поширок спектар, соодветна ефективна и брза услуга, престиж и слично. Секогаш започнува со ветување кон граѓаните и треба да заврши со неговото исполнување. Тоа е доследност што дефинира.

Од каде и како треба да започне диференцијацијата? Со фактот дека брендот не може да биде сѐ за секого. Напротив. Треба да биде конкретно, неопходно и различно за различни целни групи. Самата диференцијација може да се постигне преку посебни и автентични услуги, доследни луѓе, искрени и непосредни комуникации. Таа содржина заснована на вредности треба да добие допадлива форма. Неопходно е да најдете време и да извршите анализа на политичката конкуренција, која ќе ви покаже дали ви е потребно преструктурирање на вашиот бренд. Споредете го вашиот бренд со вашата конкуренција и обидете се да видите и да разберете што е тоа што го разликува вашиот бренд од другите.
Внимавајте: не треба само да зборувате дека сте различни и поинакви од другите. Бидете навистина различни, и тоа на начин на кој вашите членови, симпатизери, следбеници и гласачи можат да го препознаат тоа и да го почувствуваат. И што е најважно, таа различност од сите нив ќе биде прифатена. Затоа: Треба да направите нешто поинакво! Многу поразлично од веќе постојните работи. Уметниците би рекле: отсвирете нешто ново и оригинално.
2. Ветете им вредности за избирачите. Вредностите се сѐ. Тие се основа на вашиот бренд. Ставете ги во преден план и преку вашиот бренд дадете им ги на граѓаните. Обидот да се биде сѐ за секого резултира со разреден, разводнет и слаб бренд. Диференцијацијата, пак, заснована на она што најмногу им недостига и сакаат да го добијат вашите избирачи е неопходен услов за препознатлив и посакуван бренд. Доколку во вашиот бренд вткаете вредности што граѓаните ги посакуваат и им требаат, бидете сигурни дека вашето брендирање е соодветно и ќе резултира со добар резултат и освојување на симпатиите и гласовите. Што е тоа што го испорачува вашата идеја или услуга, т.е. што е тоа што е највредното за вашите следбеници и избирачи? Тоа се вредностите вградени во вашиот бренд.
Доколку не сте сигурни, поставете „огласи за слушање“, од сандачиња за пораки во вашите партиски простории, преку книги за впечатоци, до интернет-адреси за пораки и специјални телефонски линии за јавувања на граѓаните и прашања преку СМС. Сите тие ги следат перцепциите на вашите членови, симпатизери, следбеници, во поглед на вашиот бренд, откриваат (не)задоволство, пофалби или критики. Сепак, се сѐ сведува на едно: луѓето бараат вредности! Бидете вие тие што ќе им ги испорачате преку вашиот бренд.

3. Бидете лидер на политичкиот пазар. Брендот е најјак кога е лидер. Затоа, неопходно е да обезбедите лидерска позиција на политичката сцена во јавноста за вашиот бренд. Доколку испорачате и доставите вредности за граѓаните избирачи, тоа значи дека вие имате успешно брендирање од аспект на вашиот бренд, кој долгорочно гледано ќе го направите лидер во политиката. Политичкиот пазар е преплавен со политички партии што се обидуваат или неуспешно се претставуваат како лидери. Бренд-лидер, во политиката, е оној бренд што ги има најдобрите политички идеи, формулирани во политичка платформа/програма, знае успешно да му ги понуди на гласачкото тело, тоа да ги прифати, да гласа за неговите листи и да победи. Бренд-лидерот претставува бенчмарк (или референцијална точка) со кој секој друг бренд се споредува и во еднаква мера сите други брендови се обидуваат да го имитираат бренд-лидерот и се познати како бренд-следбеници. На крајот на краиштата, тоа се проценува на избори. Кој ќе победи, тој е бренд-лидер. Но таа позиција не е добиена или освоена засекогаш. Доколку бренд-лидерството се мери наједноставно во акции – освоени гласови, тогаш е многу јасно кој е бренд-лидерот. Сепак, алтернативните мерења за бренд-лидерство се движат околу гледиштата дека највлијателниот бренд се смета за бренд-лидер. Во овој случај, другите имитаторски брендови (следбеници) може да се обидуваат да ги имитираат својствата, придобивките и имиџот на брендот со цел да се стекне со подоминантна позиција во свеста на граѓаните.
Да бидете лидер значи да ветувате, но и нешто повеќе – да ги исполнувате вашите ветувања. Доколку сакате да бидете вистински лидер на јавната политичка сцена, меѓу другото, првенствено фокусирајте се на подобрувањето на решавањето на горливите проблеми и прашања на вашите гласачи и на квалитетните интеракции на нив со вашата политичка партија. Предизвикајте интерес, побудете возбуда, овозможите забава, исполнете желба. Отворете прашање, решете проблеми. Доколку сте успешни во ова, вие можете да бидете само едно – лидер. Бренд-лидер во политиката.
4. Интегрирајте ја вашата порака за избирачите. Кога создавате победнички бренд, неизоставно и неопходно е да имате порака. Не каква било порака, туку јака порака, т.е. вистинска порака заснована на вредности. Неопходно е секоја интеракција што граѓанинот избирач ја има со вашиот бренд да биде изедначена во сите канали на политичкиот маркетинг. Морате да се запрашате: Дали се пренесува вашата порака и колку доследно се пренесува пораката на вашиот бренд? Дали пораката е во контрадикторност со вашите различни политички програми, но и програми за политички маркетинг? На пример: Вашиот политички маркетинг на интернет, од содржината на веб-страницата до понудите на електронска пошта, треба целосно да биде интегриран со вашите понуди надвор од интернетот (во електронските и печатените медиуми, односите со јавноста, посебните организирани настани), при што маркетингот треба постојано да нуди единствена и јасна порака за брендирањето и поврзаните елементи на вашиот идентитет, имиџ и дизајн што треба да ги скоцка до највисоко ниво на препознатливост и приемливост.

Доколку сакате да се осигурите дека е успешно вашето развивање на брендот, треба да направите проверка на сите тековни маркетинг-комуникации на вашата партија. Исто така, не пропуштајте да посветите внимание на вашите алатки за комуникација со избирачите, бидејќи тие со текот на времето обично се разидуваат со другите маркетиншки активности и ја прекинуваат врската со нив. Токму затоа, потребно е повторно да ги усогласувате алатките и кампањите во вашите маркетинг-активности, што ќе ви овозможи да создадете повпечатлив имиџ на вашиот бренд.
Интегрирајќи ги сите алатки, вие обезбедувате конзистентно и усогласено дејствување, со кое, пак, овозможувате пораката да биде интегрирана, јасна и ефикасна, што значи без пречки и шумови пренесена до крајната дестинација – вашите гласачи. Во таков случај вие имате интегрирана порака, оригинален бренд. Победник и лидер во политиката.

Сотир Костов

(крај)