„ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ“ (4)
- Овој фељтон се објавува за да се промовира туристичкиот потенцијал на Овчеполието, еден од регионите во Македонија што со векови ги предизвикуваат истражувачите да се запознаваат со скриените тајни од сите можни цивилизациски слоеви на човештвото што се наоѓаат под тлото на Македонија. Во текстовите што следуваат ќе можете да читате извадоци од магистерскиот труд „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, одбранет во 2017 година и преобјавен во 2022 година, дополнети со делови од едицијата во подготовка „Зборник за Овче Поле, книга 1-5“ и изданието „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“. Во изминатите години посетителите и туристите во Овче Поле најчесто доаѓаат самоорганизирано или со водичи од соседните региони. Од 2017 година досега бројот на луѓе што го посетуваат Овчеполието заради присутните природни ресурси и културно наследство постојано се зголемува, правопропорционално со интересот на медиумите, научниците, инвеститорите и туристичките работници
м-р Никола Ристевски
Во последните петнаесетина години, во Овчеполската Котлина се забележливи чести организирани еднодневни посети, самоорганизирани туристи во потрага по убавините на древното Овче Поле и различни посетители што дознале за некои од локациите што можат да се видат, или само поминуваат од тука, па застануваат да го разгледаат Овчеполието. Иако во официјалните понуди нема забележано многу локации коишто можат да се посетат, ниту пак Овче Поле е вклучено во големите понуди на туристичките оператори и во турите на водичите од околните општини, сепак, заинтересираните посетители пронаоѓаат начини за да се запознаат одблизу со традицијата, културата и убавината на овој регион. Во општинската установа Народен музеј – Свети Николе нема вработен туристички водич, а во локалната самоуправа немаат информации за сегашната состојба на туристичкиот потенцијал, ниту пак по барањето ми доставија потребни информации, кои можеа да бидат вклучени во овој магистерски труд. Организираните посети на Народниот музеј и археолошкиот локалитет кај селото Кнежје најчесто се од пензионерски друштва и училишта, кои го вклучуваат Свети Николе во своите еднодневни екскурзии. Зголемени посети се забележливи од посетителите и гостите на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе, кои освен знаменитостите во градот, организирано го посетуваат и археолошкиот локалитет во непосредна близина. По успешното анимирање на јавноста и научници од повеќе дисциплини од различни земји, откако беа извршени првите археоакустични истражувања во историјата на Република Македонија, на геоглифот во Овче Поле посетите се сè почести, за што сведочат и локалните жители.
Кон крајот на третата деценија од 21 век, во оваа општина (која може да биде поврзана со прекрасни туристички маршрути со блиските и околните Штип, Велес, Куманово, Лозово, Пробиштип, Кратово, па дури и со другите региони во Република Македонија) не само што нема официјални туристички водичи туку недостига и понуда за туристички престој, угостителски објекти, сместувачки капацитети, туристичко биро/центар, како и стручни лица за менаџмент и маркетинг на оваа котлина како привлечна туристичка дестинација. Оскудните информации на интернет од официјалните институции не се пречка за заинтересираните да се информираат преку „алтернативни медиуми“ – интернет-страници, блогови, видеоканали, книги и весници за мистичната Овчеполска Котлина. Добриот глас надалеку се слуша, а усната реклама (самиот збор реклама значи гласно соопштување) си ја врши својата работа, така што многуте посетители што биле допрени од убавината на Овчеполието со задоволство го препорачуваат за посета на нивните блиски, роднини, пријатели, колеги и познаници. Побарувачката за сместување и недостигот од капацитети потврдуваат за зголемениот интерес на посетителите и туристите за Овче Поле. Афирмирањето, презентирањето и прикажувањето на природните убавини и културното наследство на овој крај преку најсовремениот медиум – интернетот, ги пренесува автентичноста и богатата енергија што тлее во Овчеполската Котлина на информираните, образованите и искусните туристи. Светските трендови на пазарот на туризмот потврдуваат дека со примена на највисоките работни правила, кои се претставени во најновите достигнувања на менаџментот и маркетингот, Овче Поле може да се претвори во природен, археолошки и културен резерват – вистинска туристичка дестинација на новиот век.
Туристички потенцијал на Овче Поле
Овчеполската Котлина располага со потенцијал за следните видови туризам – селски, односно рурален туризам, рекреативен туризам, културен туризам, екотуризам, здравствен туризам, археолошки туризам, агротуризам, еколошки туризам, чијшто развој може да придонесе за иден одржлив туризам. Намалувањето на бројот на населението во последните децении, причинето поради сѐ почестите иселувања, придонесе да се испразнат селата, а и да се намалат условите за многубројни вработувања. Но развојот на научните дисциплини маркетинг и менаџмент, покажува и докажува дека и во вакви региони може да се развие економијата, нормално доколку им се пристапи на начин што е соодветен на векот во кој живееме. Археолошките локалитети, религиозните храмови, старите куќи, овчеполските чешми, природните реткости и прекрасните пејзажи, заедно со условите за органско земјоделство, зачувување на природната средина и развој на општеството како целина, се одличен почеток за нова ера во развојот на Овчеполската Котлина – во која ќе бидат поврзани најновите достигнувања на науката и културата на домашното население. Овче Поле ги има сите потребни услови за развој на туризмот, а за истите тие да се стават во употреба, за почеток треба да се дефинираат потенцијалните туристички локации, кои ги нема во официјалните понуди и претставувања од институциите. За нивно употребување како туристички ресурс, истите тие прво треба да се стават во еден општ список, односно база со податоци, каде што ќе бидат вклучени податоци за сите литературни извори, сведоштва и материјални факти и документи за нив. Најпрво треба да се направи увид на локациите, кои во моменталната состојба можат да се вклучат во туристички маршрути, како и на областите со услови за обележување планинарски и велосипедски патеки. Потоа, со фокус на клучните сегменти од локалната економија, потребно е да се основа туристичко биро или центар преку кој ќе се раководи идниот развој на туризмот во Овчеполската Котлина. Во нивната сегашна состојба, напуштени, разрушени и раселени, многу овчеполски села можат да бидат употребени како локации за изградба на самоодржливи еколошки туристички капацитети, по урнек на традиционалната македонска архитектура од овие краишта. Затоа што природните ресурси – големите количества жива вода под почвата, огромниот број сончеви часови и силните ветрови што дуваат од четири страни, заедно со плодородноста што ја има Овчеполската Котлина, ја прави регион што може убаво да живее преку развој на екологијата, органското производство и туризмот.
Природни реткости и убавини на Овчеполието
Највисоките врвови во котлината немаат ни илјада метри надморска висина, а на сите нив можат да се забележат природни убавини, кои се разликуваат во зависност од пределот. Така, на Ѓуриште уште на пониска надморска височина растат густите борови шуми, а во повисокиот дел има одлични услови не само за прошетки туку и за развој дури и на здравствен туризам. Манговица изобилува со геоморфолошки форми во вид на различни животни, како и пејзажи што воодушевуваат со својата автентичност. Богословец е преполн со исти такви форми, шуми, а на сите ридови во Овчеполската Котлина и нивната непосредна околина се наоѓаат голем број археолошки локалитети, стари цркви и остатоци од некогашни населби. Бавниот начин на живот и малобројното население во котлината се гостољубиви услови за многуте птици што живеат овде, дури и на најретките видови македонски орли.
Карактеристични за регионот се и многуте змии, смоковите во пониските делови, шарките и поскоците во повисоките и пределите со погуста вегетација, а во Овче Поле живее и степската змија, наречена овчеполска боа. Култните камења и карпите за кои сѐ уште се паметат верувањата на старите, претставуваат неискористен туристички потенцијал и истите тие можат да се поврзат со туристичка маршрута – патека, која на посетителите би им овозможила не само да уживаат во овчеполските пејзажи туку и од блиску да се запознаат со Говедар Камен, Црн Камен, Подигнат Камен, Побиен Камен итн. Според достапните научни истражувања и активности на здруженијата за заштита на флората и фауната во Република Македонија, во Овчеполието не само што живеат ретки видови животни и растат ретки растенија туку дел од оваа котлина припаѓа на таканаречената македонска степа. Висорамнините во Овчеполската Котлина можат да се употребат за создавање туристички станици (кои се објаснети подолу во овој труд), како и места на кои туристите ќе се одмораат и ќе добиваат потребни информации за делот од Овче Поле во кој се наоѓаат, но и ќе имаат можност за кампување и пејзажен туризам. Допрва треба да бидат вклучени сите науки, за Овчеполската Котлина да се истражи мултидисциплинарно, со што би се добил увид во состојбата и ќе се олеснат планирањето и прогнозирањето за иднината. Со разумен и современ пристап кон постојните ресурси за научни истражувања, за релативно краток период од неколку години може да се постави основна научна база за понатамошно проширување на обемот на научните дисциплини што можат да го истражуваат големото Овчеполие. Создавање и организирање научен институт – овчеполски научен институт – може да биде силен темел за големи научни достигнувања во иднина.
(продолжува)
Авторот е магистер по маркетинг – менаџмент, публицист и продуцент


































