Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), што се одржа во Софија, повика на итно и трајно решавање на прашањето за статусот на професионалните возачи и превозници во Шенген зоната, пренесе МИА.
Во своето обраќање, Ристески ја нагласил потребата од изнаоѓање одржливо решение за ограничувањата што се однесуваат на престојот на професионалните возачи во меѓународниот патен транспорт.
Според него, неопходно е да се овозможи возачите на товарни возила и транспортните компании од Македонија и од земјите во регионот непречено да ги извршуваат своите професионални обврски, без да се соочуваат со негативни последици од правилата за престој во Шенген зоната.
-Потребно е решение кое ќе ги земе предвид специфичностите на транспортниот сектор, при целосно почитување на безбедносните и миграциските правила на Европската Унија – истакнал Ристески.
Како резултат на дискусиите, бил прифатен компромисен амандман кој е вклучен во Завршната декларација на Собранието. Со него се повикуваат властите на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа заеднички да работат на изнаоѓање прифатливо решение за транспортните и логистичките прашања во Шенгенскиот простор и регионот на Југоисточна Европа.
Според Ристески, дополнителна тежина на иницијативата ѝ дава фактот што амандманот добил поддршка од сите пет земји членки на Европската Унија кои учествуваат во SEECP – Словенија, Хрватска, Романија, Бугарија и Грција.
Иницијативата има за цел да придонесе кон надминување на административните и регулаторните пречки со кои се соочуваат транспортните компании и професионалните возачи од регионот при извршувањето на меѓународните транспортни услуги во рамки на Шенген зоната.


































