Интимна модерна анти-бајка, духовита и истовремено сурова, одиграа актерите на Народниот театар Битола вчеравечер во рамки на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.
Носејќи ја театарската претстава „Демони“ на текст од Ларс Норен а во режија на Васил Христов, актерите Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Марија Стефановска и Здравко Стојмиров одглумија две двојки-сопружници преку кои ги извадија на површина скриените внатрешни демони што постојат во човекот.
Илина Чоревска ја играше улогата на Катарина, жената којашто се повлекла во својот свет и живее со сопругот кого го сака неизмерно за да го убие на крајот.
-На почетокот бев скептична бидејќи скандинавските автори не одговараат на мојот сензибилитет, но кога го прочитав делото, морам да признам дека се воодушевив. Се работи за текст којшто е автентичен и говори за времето во кое Ларс Норен го напишал, но и за времето во кое живееме ние. Текстот звучи ултрамодерно. Се занимава со машко-женските односи, со љубовта која често е невозвратена, со омразата кон жените… – појаснува актерката Чоревска.
Директорот на Народниот театар Битола, Иван Јерчиќ, вели дека актерите од овој театарски ансамбл секогаш со голема радост учествуваат на „Охридско лето“, но годинава доаѓаат со камерна претстава, малку поинаква од оние кои претходно ги одиграле пред фестивалската публика.
-„Демони“ е една исклучителна претстава која говори точно за нашето време и за два млади брачни парови кои живеат во иста зграда и се борат со своите сопствени демони. Чисто актерска претстава без многу сценографија. Инаку, покрај одобрените проекти од страна на министерството за култура, работиме уште неколку други претстави со сопствени средства. Капацитетот го вративме на сто отсто. На моја среќа, публиката се врати во театарот и некако го премостивме периодот на пандемија – додава директорот Јерчиќ.
Ова е прва соработка на Битолскиот народен театар со режисерот Васил Христов за кого битолските актери велат дека го сработил делото суптилно исто како и авторот на текстот.
-Ова е моја прва соработка со Битолскиот народен театар и со фестивалот „Охридско лето“. Поради постпандемиските проблеми се оддолжи целиот процес, но ете, со задоволство го завршивме и сум презадоволен од соработката со Народниот театар Битола и со фестивалот „Охридско лето“ – појаснува режисерот Христов.
Текстот на „Демони“ е напишан во 1982 година од страна еден од најголемите шведски драмски автори Ларс Норен и кај нас првпат се поставува токму преку режисерот Христов и Битолскиот театар.