ФУДБАЛОТ И ТАКТИКИТЕ (2)

Пресвртот се случи по СП 1950, кога Бразилците беа поразени во финалето дома, што беше причина „кариоките“ да ги променат работите и да ја создадат првата формација што се користи и денес, 4-3-3. Селекторот на Унгарија, Густав Шебеш, пак, ги менуваше формациите во текот на мечевите во зависност од околностите на теренот. Доминацијата на таа формација, која донесе многу успеси, успеа малку да ја сопре т.н. „катенаџо“ на Хеленио Херера, а потоа Ајакс и Холандија ќе ја доведат тактиката 4-3-3 речиси до совршенство

Една од причините за создавањето помодерни фудбалски формации дојде како директен резултат на обидите на клубовите да најдат начин како да се спротивстават на системот 3-3-4, познат како ВМ, модифициран во 3-2-2-3 и 2-3-5 (т.н. пирамида), кои беа доминантни во поголемиот дел од Европа до 1950 година. Пресвртот се случи по Светското првенство (СП) во 1950 година, кога Бразилците беа поразени во финалето дома, во Рио од Уругвај (1-2).

Тоа беше причината „кариоките“ да ги променат работите и да ја создадат првата формација што се користи и денес, 4-3-3. Тие во последната одбранбена линија имаа четворица играчи, во формацијата 4-3-3 или 4-2-4, која продолжија да ја користат и на СП 1958, кога првпат станаа светски прваци. На хартија тоа беше 4-2-4, но набргу се покажаа сите слабости во средниот ред со двајца играчи, па затоа еден од напаѓачите дејствуваше од втор план. Додека Гаринча и Пеле создаваа хаос во противничките редови, Марио Загало, номинално лево крило, играше повеќе во средниот ред. До 1962 година, тој продолжи да игра во средниот ред и системот првпат формално беше признаен како 4-3-3.

МЕНУВАЊЕ ФОРМАЦИИ ВО ТЕК НА МЕЧ

Во тоа време и Густав Шебеш, селекторот на Унгарија, излезе со нешто поинакво. Неговата идеја беше да ги менува формациите во текот на натпреварите во зависност од околностите на теренот, нешто што изгледа многу едноставно во денешно време, но тогаш беше доста револуционерно. Унгарците, предводени од Ференц Пушкаш, ја победија Англија во 1953 година на стадионот „Вембли“ со 6-3, што е еден од најпознатите натпревари во историјата на фудбалот. Англија беше целосно надмудрена во тактичка смисла.

Клучната работа во играта на Унгарија беше релативно едноставна, тие ја збунија Англија со распоредот на клучните играчи. Центарфорот Нандор Хидегкути беше катализатор на нивната неверојатна игра. Тој го носеше дресот со број 9 и се очекуваше да игра како напаѓач, во директна пресметка со централниот дефанзивец на Англија. Наместо тоа, тој се враќаше поназад, како дополнителен играч во средниот ред, во празниот простор, и им асистираше на другите напаѓачи (лажна деветка).

И во дефанзива Унгарците направија нешто поинаку. Играчот од средниот ред Јожеф Закаријас се врати назад како втор централен дефанзивец, овозможувајќи им на бековите да играат поофанзивно. Ваквата формација подоцна стана стандарден пристап низ целиот свет.

Таквата формација, која беше првата што не користеше класични крилни напаѓачи, беше заслужна и за големиот успех на Англија на СП 1966. Домаќините го освоија турнирот, менувајќи ја формацијата помеѓу 4-3-3, до постандардната, која беше поблиску до 4-1-3-2. Тоа беше трет последователен успех на една репрезентација на СП со уште релативно нејасната формација, можеби најрадикална интерпретација со извонреден дефанзивен играч за врска во Ноби Стајлс, кој ја штитеше одбранбената четворка, додека технички многу попоткованите Боби Чарлтон, Алан Бол и Џеф Харст играа напред.

КАТЕНАЏО

Доминацијата на формацијата 4-3-3, која им донесе многу успеси на Бразилците и на Англичаните, во 1960-тите години успеа малку да ја сопре т.н. „катенаџо“ („одбранбен фудбал“) на Хеленио Херера. Неговата формација 5-3-2 се состоеше од „чистач“ зад задната четворка, кој ги исправаше пропустите на соиграчите во одбраната, кои играа исклучително агресивно, човек на човек. Основната идеја беше да се запрат противничките напади и да не им се дозволи да создаваат шанси. На другиот дел од теренот со брзите конранапади и со што помалку допири со топката се стигнуваше до противничкиот гол. Ефектот од таквата игра на Интер беа две титули првак на Европа, две во Интереконтиненталниот куп и три во Серија А.

Формацијата 4-3-3 се користеше во многу земји, но Ајакс и Холандија, со Ринус Михелс и со Јохан Кројф во 1970-тите години, ќе ја доведат речиси до совршенство. Тактиката на овие тимови доведе до концептот на т.н. „тотален фудбал“. Л.Д.

(продолжува)