Украина доби само десет отсто од американската воена помош одобрена од Конгресот претходно годинава, предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски во денеска објавено видео.
– Вие си ја вршите работата. Сметате на резерви, сметате на специјални бригади, сметате на таква опрема. А потоа ако добиете десет проценти од целиот пакет, кој веќе е изгласан… тоа не е смешно – објави Зеленски на Телеграм.
Вели дека се уште ги немаат добиено ветените системи за противвоздушна одбрана.
Пакетот американска помош во износ од 61 милијарда долари, кој републиканците во Конгресот го одложуваат од декември минатата година, конечно беше одобрен во април. Зеленски додаде дека бавната испорака на оружје не е прашање на финансирање.
– Секогаш е прашање на бирократија или логистика, идеи или скептицизам… Ова ќе ви го дадеме, oва не – рече тој.
Тој додаде дека членките на НАТО се обврзале да и испорачаат на Украина шест или седум системи за противвоздушна одбрана до почетокот на септември. Украина се повеќе се потпира на овие системи за да ги одбие руските напади со долг дострел, но Киев сè уште не ги добил сите.