Шведските власти, но и граѓаните воопшто, се под стрес. Имено, статистиката за криминал е застрашувачка за земја со 10,5 милиони жители, која негува меѓународен имиџ на мирна просперитетна нација, со конкурентна економија и силна социјална заштита. Каде оди Шведска?
Напливот на брутално насилство на Скандинавскиот Полуостров предизвик со кој Скандинавците тешко се справуваат
Напливот на насилство од бандите е дел од сѐ уште тековното „брутално лето“ што ѝ предизвикува исклучителни проблеми на шведската влада. Премиерот Улф Кристерсон и неговите десничарски сојузници возвратија пред две години со ветување дека ќе му стават крај на деценискиот конфликт меѓу дилерите со дрога. Но статистиката за криминал е застрашувачка за земја со 10,5 милиони жители, која негува меѓународен имиџ на мирна просперитетна нација, со конкурентна економија и силна социјална заштита, објавуваат светските медиуми.
Многу работа за шведската влада за запирање на насилството
Сепак, на половина пат од својот мандат, јасно е дека владата на Кристерсон има уште многу работа. Во Шведска досега годинава имало 148 престрелки, при што загинале 20, а биле повредени 26 лица. Згора, лице облечено во црно фрлило рачна граната во продавница во предградието Генета, опфатено со криминал, во шведскиот град Седертелје, на 22 јули. Повредени биле неколку минувачи, меѓу кои најтешко настрадала жена на 50-годишна возраст, која со хеликоптер била пренесена во болница. А ден подоцна, во близината на местото на инцидентот, бил застрелан и ранет маж, пренесува „Политико“. Во 2023 година имало вкупно 53 смртни случаи од огнено оружје. Годината пред тоа биле евидентирани 62 такви убиства.
– Работите не можат да продолжат вака. Ова отсекогаш била силна заедница, но ова насилство мора да престане – категоричен е Тони Аун, 17-годишен студент, кој даде изјава за „Политико“.
Шведска се појави како предупредувачка приказна за европска земја што не успеа да ја препознае заканата од меѓународно поврзаните наркобанди. Сега таа се обидува да одговори на ескалацијата на насилството додека бандите се борат меѓу себе за контрола на профитабилните локални наркопазари. Нордиската земја има една од највисоките стапки на смртни случаи во престрелки во Европа, додека голем број членови на шведски банди загинаа во последниве години.
Воведувањето безбедносни зони ѝ дава поголеми овластувања на полицијата
Како што се шири насилството, така сè поголем број случајни минувачи се убиваат и повредуваат од заталкани куршуми и нејасно насочени бомбашки напади. Политиката за репресија на насилството на владата на Кристерсон вклучува продолжување на казните за злосторства извршени со оружје, додека се размислува за намалување на возраста на која децата можат да бидат казнети за злосторства. Но, несомнено, највпечатлива политичка иницијатива беше воведувањето на таканаречените безбедносни зони.
Новиот закон, кој е во сила од април, ѝ дозволува на полицијата да ја определи секоја област за која верува дека е загрозена како безбедна зона. Тие потоа можат да го запрат и да го претресат кој било граѓанин во таа зона – нешто што вообичаено не би можеле да го направат доколку не се сомневаат дека тој граѓанин извршил кривично дело. Првата безбедносна зона во Шведска беше поставена во централниот град Норшепинг.
Друга таква зона е формирана во Генета, која траеше две недели, од 6 јули, во областа околу редот мали продавници. Таму имаше видливо полициско присуство и знаци дека надлетуваат летала за надзор. Полицијата исто така соопшти дека во областа дејствуваат полицајци во цивилка. Некои од граѓаните сметаат дека политиката на полицијата за запирање и претрес е наметлива, загрижувајќи се дека може да им наштети на односите на властите со јавноста.
Аун, кој студира во Генета, се согласува дека иницијативите како безбедносната зона во неговата област треба да бидат дел од поголема и поодржлива програма.
– Добро е, но не е доволно. Криминалците се враќаат само кога ќе исчезне полицијата – вели студентот.
Политичките мерки не се доволни за разбивање на бандите
Градоначалничката на Седерталје, Боел Годнер, при гостување на националните вечерни вести зборуваше за вознемиреноста што ја опфаќа нејзиниот град.
– Ова е сериозна ситуација. Луѓето се вознемирени и лути што нивниот град се поврзува со овие криминалци – рече Годнер.
Наглото зголемување на убиствата поврзани со банди во последниве години значеше дека трендот во Шведска е различен од оној во поголемиот дел од Европа, каде што бројот на насилни инциденти опаѓа. Експертите велат дека владата мора да покаже напредок пред следните избори во 2026 година, а анкетите покажуваат дека насилството останува главен проблем за гласачите.
Испитувањата на јавното мислење во моментов покажуваат дека опозицијата предводена од социјалдемократите има предност пред владата и нејзините сојузници од околу седум процентни поени. Градоначалничката на Седерталје, социјалдемократката Годнер, рече дека никакви политички мерки нема да бидат доволни за разбивање на бандите, кои со години го зголемуваат присуството во градовите како нејзиниот. Таа повика на поголема национална и меѓународна координација меѓу агенциите за лоцирање на водачите на бандите и нивните средства, вклучувајќи ја не само полицијата туку и Управата за јавни приходи, царината и агенцијата за финансиски криминал.
– Кога злосторството е национално или дури меѓународно, одговорот на него исто така мора да биде таков – заклучува Годнер. Р.С.