Фото: ЕПА

Латентниот одговор на Иран, според воените аналитичари, е оквалификуван како „обид да се избегне ескалација на конфронтација, сѐ додека нуклеарната програма на Техеран не е директна цел“

ТЕНЗИИТЕ МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ИРАН (НЕ) СТИВНУВААТ

Израел изврши воздушен напад пред зори во Иран. Оваа вест ја објавија повеќе американски медиуми цитирајќи неименувани израелски и американски официјални лица. Ако се точни информациите за ракетните напади на Израел, тоа недвосмислено е потег што се заканува дополнително да го ескалира регионалниот конфликт.
И според иранските новински агенции напад од страна на Израел бил извршен, и тоа врз нуклеарни постројки во Иран, поточно на базата во близината на градот Исфахан.
Инцидентот е најнов по неодамнешните напади меѓу двата регионални противника, но Техеран посочи дека не планира да одговори. Имено, како што јавуваат иранските државни новински агенции, воздушната одбрана на исламската република била активирана во близината на централниот град Исфахан како одговор на проектил. Тие исто така објавија дека експлозии се слушнале во источните предградија на градот, но не прецизираа дали експлозиите биле од пресретнување или удари на земјата.
Директорот на иранската вселенска агенција рече дека силите за воздушна одбрана собориле неколку беспилотни летала.
Иранските државни медиуми брзо рекоа дека нуклеарните капацитети во Исфахан се безбедни. Тие исто така рекоа дека операциите на аеродромите се вратиле во нормала уште вчера, неколку часа откако летовите беа прекинати како превентивна реакција на евентуалниот израелски воздушен напад.
Претходно Израел го предупреди Иран дека ќе се одмазди за иранскиот воздушен напад без преседан на израелска територија минатата недела, во кој беа вклучени стотици беспилотни летала и проектили. Тогаш Израел соопшти дека ги пресретнал речиси сите проектили со помош на коалицијата на западните сојузници и арапските партнери.
Иран, пак, предупреди дека секој израелски одмазднички напад ќе биде проследен со брз и построг одговор.
Ахмед Фуад Алхатиб, аналитичар за безбедност на Блискиот Исток во Атлантскиот совет, изјави за Гласот на Америка дека латентниот одговор на Иран може да биде обид да се избегне ескалација на конфронтација, сѐ додека нуклеарната програма на Техеран не е директна цел.
– Постојат процени и пресметки што веруваат дека Иран можеби е подготвен да апсорбира и проголта ограничен одмазднички напад од Израел. Сепак, ударите против нуклеарната програма на Техеран драматично ќе ја ескалираат директната конфронтација меѓу Иран и Израел – рече тој.
Ирански официјален претставник рече дека воздушната одбрана пресретнала три беспилотни летала и дека нема извештаи за ракетен напад. Повеќе државни новински агенции објавија дека локациите поврзани со иранската нуклеарна програма се „целосно безбедни“. Силната експлозија што се слушна во близината на иранскиот град Исфахан била предизвикана од „пукање на противвоздушна одбрана кон сомнителен објект“, изјави ирански висок воен командант, според иранската државна новинска агенција Тасним.
Регионален добро информиран извор тврди дека по оваа атака со дронови, директните напади меѓу Израел и Иран се завршени. Тој разговарал за Си-ен-ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот рече дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина. Х.И.


Дронови летаат, цените на нафтата скокаат

Цените на нафтата и на златото скокнаа откако американските власти соопштија дека израелски проектил го погодил Иран. Суровата нафта брент, меѓународниот репер, поскапе за 1,8 отсто, до 88 долари за барел, додека златото накратко се приближи до рекордно високо ниво пред да се врати на речиси 2.400 долари за унца.
Постои загриженост дека влошувањето на конфликтот на Блискиот Исток може да го наруши снабдувањето со нафта. Цените на нафтата на почетокот скокнаа за цели 3,5 отсто. Сепак, придобивките се намалија откако иранските државни медиуми тврдеа дека „нема штета“ во провинцијата Исфахан.