Општинската зграда во францускиот град Бордо беше запалена на протестите кои се одржуваат низ целата земја против подигање на старосната граница за пензионирање.
Повеќе од милион луѓе демонстрираа вчера, а околу 120 илјади граѓани излегоа на улиците во Париз. Полицијата во главниот град употребила солзавец за растурање на собирот, а 80 луѓе биле приведени низ Франција.
-Не се согласувам со оваа реформа и уште повеќе не се согласувам со фактот дека демократијата повеќе не значи ништо – изјавил еден од демонстрантите за Ројтерс.
Затворени беа и популарните туристички атракции, како Ајфеловата кула или Палатата Версај. Протестите се разгореа откако претседателот Емануел Макрон реши да го заобиколи Парламентот и да ја подигне границата за пензионирање од 62 на 64 години.
Протестите предизвикаа прекини во железничкиот сообраќај, како и во работата на рафинериите за нафта, а вчера со работа прекинаа и наставниците и вработените на аеродромот Шарл де Гол. Протести имаше и во Нант, Руан и Рен, јави Би-Би-Си.
Од јануари имаше девет дена протести, а синдикатите повикаа на продолжување следниот вторник, што ќе се совпадне со најавената официјална посета на британскиот крал Чарлс Трети на земјата.