Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека обидите на Западот да ги земе приходите од замрзнатите руски средства се криминални и ќе доведат до одговор од Москва кој би бил многу болен за Европската унија, пренесе порталот Индекс.
Г7 и Европската унија размислуваат како да го искористат профитот остварен од замрзнатите руски средства на Запад за да и дадат на Украина голем заем за да обезбеди финансирање за Киев за 2025 година. Захарова денеска, исто така, се закани со иницијатива на некои од членките на Унијата за ограничување на движењето на руските дипломати.
Портпаролката на руското министерство им изјави на новинарите дека Западот е заразен со русофобија и дека Москва ќе преземе контрамерки доколку се воведат такви ограничувања.
– Русија ќе одговори на сите ограничувања на движењето наметнати од европските земји на нејзините дипломати – најави Захарова.
Во писмото до високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, осум министри за надворешни работи на Европската унија ја повикаа ЕУ да им забрани на руските дипломати слободното движење во Унијата и да ги ограничи на земјите каде што се акредитирани.