Бугарските медиуми вчера со голема доза загриженост ги пренесоа најновите статистички податоци поврзани со цената на храната, затоа што е регистрирано поскапување речиси кај сите прехранбени производи
Бранот од поскапувања на храната во Бугарија не престанува
Полнењето на фрижидерот на еден просечен Бугарин со основни производи поскапело за повеќе од 50 отсто само за една година, покажуваат податоците на Државната комисија за стоковни берзи и пазари (ДКСБТ), која го следи движењето на големопродажните цени во земјата.
Според овие податоци, за последните две недели, индексот на пазарните цени (МПИ), кој ги одразува големопродажните цени на храната во Бугарија, пораснал за 0,61 отсто. Со тоа е достигната највисоката точка на индексот од 2.316 поени, бидејќи го вклучува и поскапувањето на храната за време на божиќните празници. Во ноември, индексот го достигна својот историски максимум од 2.222 поени. Тоа значи дека индексот за еден месец пораснал за 1,62 отсто, за три месеци за 9 отсто, а на годишно ниво за 51,8 отсто (од 1.533 поени).
Според она што го регистрираат тамошните медиуми, речиси сите прехранбени производи забележаа поскапување.
Во првите денови од јануари, јајцата со големина М веќе чинат 40 центи по парче, додека пред само една година беа достапни на големо за 22 центи по парче или речиси двојно поевтино. (За полесно снаоѓање со цените, еден лев чини околу 30 денари. Еден лев – 100 центи.)
Речиси сите основни производи што се мониторирани од ДКСБТ поскапеа. Шеќерот и пилешкото месо ја зголемија својата продажна вредност на берзите и пазарите речиси за 50 отсто.
Цената на кравјото сирење и сирењето продолжува да расте секоја недела, иако за неколку центи. Така, сирењето од типот „витоша“ сега се продава на големо за просечни 18,24 лева за килограм, додека пред само една година истото количество млечен производ се нудеше за 13,13 лева, или 5 лева помалку за килограм. Во регионот Сливен, големопродажната цена на типот „витоша“ достигнува 20,50 лева/кг. Пред една година максималната големопродажна цена на сирењето беше 15 лева/кг.
Во малопродажните продавници цената на сирењето е значително повисока и достигнува 25-30 лева за килограм, во зависност од брендот. За да не е преголем шокот за потрошувачите, повеќето производители претпочитаат сирењето да го пакуваат во помали и помали пакувања, па додека пред две години калапите беа 700 грама или килограм, сега се достапни 250-300 грама.
Големопродажната цена на кравјото сирење во Софискиот Регион достигнува незамисливи 15,20 лева за килограм пред една година, а просечната цена на млечниот производ на големо е 11,15 лева за килограм. Пред една година неговата цена беше во просек 8,66 лева/кг на големо.
Меѓутоа, во првата недела од јануари, повеќето производи што ги забележува ДКСБТ стануваат поевтини откако цените беа зголемени за божиќното и новогодишното купување. Во последната недела најмногу поскапе оризот – за 14 центи за килограм и сега чини 3,02 лева.
Согледувајќи ги поскапувањата, медиумите во Бугарија прават и преглед на цените по региони, па врз основа на тоа ги советуваат своите читатели. Така, според нивните согледувања и анализи, најисплатливо е да се купи замрзнато пилешко, ориз и шеќер во Бургас, на пример, додека во регионот Силистра најскапо е да се купи мелено месо, замрзнато пилешко, ориз или брашно.
Според податоците на Државната комисија за стоковни берзи и пазари, пак, најевтино е да се купи мешано мелено говедско и свинско месо на големо во регионот Монтана, каде што цената достигнува максимум 7,75 лева/кг. Истиот производ во регионот Силистра може да ве чини значително повеќе – до 10,80 лева/кг. Станува збор за областите Силистра и Софија, каде што најскапо се тргува на големо со основните прехранбени производи, покажуваат податоците на ДКСБТ за првата недела од јануари.
Во регионот Силистра, замрзнатото пилешко е достапно по цена до 7 лева за килограм, додека во Бургас чини најмногу 5,50 лева за килограм. Во поморскиот регион е и најевтиниот шеќер во земјата – 1,65 лев/кг. Цената на слаткиот производ во Силистра на големо достигнува 2,90 лева за килограм.
Јајцата на големо се најнеисплатливи за купување во регионот на Враца, каде што се продаваат и до 43 центи по парче, додека во повеќето делови од земјата нивната цена е 39-40 центи по парче. Во Враца, пак, го нудат најевтиното брашно – максимум 1,01 лев за килограм на големо. Во регионот Силистра неговата цена достигнува 1,80 лев/кг.