Фото: ЕПА

Германски „Франкфуртер алгемајне“ во своја анализа деновиве пишува дека „пресвртница во Првата светска војна беше влегувањето на САД во војната. Украина не може да смета на такво нешто, бидејќи сојузниците се позагрижени за спротивното сценарио: Доналд Трамп повторно да стане претседател на САД, а потоа за 24 часа да ја заврши војната, прекинувајќи секаква помош за Украина“

Германски медиуми пишуваат дека во северноатлантската воена алијанса не сакаат да дискутираат ниту за минатата ниту за идната воена офанзива на Киев

На состанокот на шефовите на дипломатиите на НАТО имаше многу пофалби и охрабрувања упатени до Украина, но тонот се промени кога се разгледуваше конкретната оперативна ситуација на фронтот. Офанзивата пропадна и сега сојузниците на Украина само се надеваат дека линијата на фронтот ќе биде задржана, пишува германскиот „Франкфуртер алгемајне“.

Војната до исцрпување малку ќе се промени во скора иднина

Според „Франкфуртер алгемајне“, никој во НАТО не сака да зборува за контраофанзива следната пролет. Алијансата сака да го одбележи јубилејот следната година и дури тогаш ќе ги реши барањата за членство на Украина. Сепак, нема реални изгледи за прием на Киев во НАТО, барем не пред изборите во САД, оценува весникот.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на самитот изјави дека „храброста, решителноста и мајсторството на вооружените сили на Украина го воодушевуваат целиот свет“. Различни варијации на овие пофалби повторија голем број министри и дипломати на земјите од НАТО. „Франкфуртер алгемајне“ смета дека целта токму на ваквата реторика е „да го неутрализира впечатокот дека сите се уморни од војна“. Меѓутоа, кога почнува дискусијата за ситуацијата на фронтот, реториката наеднаш се менува.
Шефицата на француската дипломатија Катрин Колона предвидува дека зимата ќе биде тешка за Украина поради нападите со руски беспилотни летала врз инфраструктурата. Нејзиниот летонски колега Кришјанис Каринш смета дека Украина покажала дека е неспособна за „молскавична контраофанзива, бидејќи немала доволно опрема и оружје, кое не пристигнало доволно брзо“.
– Во разговорите зад затворени врати се слуша трезвената оцена на украинскиот врховен командант, генерал Валериј Залужни: Украина и Русија се во ќор-сокак, водат војна до исцрпување, а малку ќе се промени во скора иднина – наведува германскиот весник.

Да не се создаваат очекувања во НАТО што Украина не може да ги оправда

Многу експерти сметаат дека најдобро би било Украина воопшто да не ја спомене контраофанзивата, бидејќи таа „создаде очекувања што земјата не може да ги оправда“. Сега и со Авдејевка постои опасност да се повтори ситуацијата што беше со Артјомовско, наведува „Франкфуртер алгемајне“ .
– Во седиштето на НАТО ситуацијата се споредува со Првата светска војна, во која Франција исто така мораше да води војна за уништување со Германија. По тоа искуство, Украина мора да го задржи она што го освои, за да не загуби. Сепак, тоа не е доволно за победа. Конечно, пресвртница во Првата светска војна беше влегувањето на САД во војната. Украина не може да смета на такво нешто, бидејќи сојузниците се позагрижени за спротивното сценарио: Доналд Трамп повторно да стане претседател на САД, а потоа за 24 часа да ја заврши војната, прекинувајќи секаква помош за Украина – наведува весникот.
Според анализата на авторот, малкумина веруваат дека Киев ќе успее да излезе од ќор-сокакот, поради што никој не сака да зборува за контраофанзива следната пролет.
НАТО сепак се надева дека Русија нема да биде подготвена да започне голема офанзива во наредните месеци. Повеќето експерти во НАТО се согласуваат со таа оцена, поради што се верува дека сегашната ситуација би можела да трае до следниот јули, кога Алијансата ќе ја прослави 75-годишнината во Вашингтон.


Столтенберг: Не сме во можност да соработуваме (со Киев) толку блиску како што треба

Состојбата на фронтот за Украина е критична и може дополнително да се влоши поради недостигот од помош од Западот, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Мора да се подготвиме за лоши вести. Конфликтите се развиваат во фази. Но ние мора да ја поддржиме Украина и во лоши и во добри времиња – изјави Столтенберг за германскиот канал „Ерсте“, одговарајќи на новинарско прашање дали стравува дека ситуацијата во Украина ќе се влоши во иднина.
Столтенберг призна дека членките на Алијансата не можат да одговорат на зголемената побарувачка на Украина за муниција. Осврнувајќи се на ситуацијата на фронтот, Столтенберг изјави дека немало значителен напредок во изминатите неколку месеци, но дека не сака да коментира за понатамошниот развој на настаните.
– Војните се инхерентно непредвидливи. Но знаеме дека колку повеќе ја поддржуваме Украина, толку побрзо ќе заврши војната – рече тој.
Генералниот секретар на НАТО претходно ја осуди Европа, истакнувајќи дека европските земји ги следат сопствените интереси и не можат да го зголемат производството на оружје за Украина.
– Не сме во можност да соработуваме толку блиску колку што треба. Тоа доведува до повисоки трошоци и го отежнува зголемувањето на производството – рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО исто така даде изјава и за германската Н-ТВ.
– Не сме во можност да соработуваме толку блиску како што треба (со Украина), а тоа доведува до повисоки и повисоки трошоци и го отежнува проширувањето на производството – рече тој.
Столтенберг повика да се реши проблемот со фрагментацијата на европската одбранбена индустрија. Како пример, тој изјави дека е неопходно да се подобри ситуацијата поврзана со „гладот ​​за гранати“ во вооружените сили на Украина.
Претходно министерот за надворешни работи на ЕУ и министерот за одбрана на ЕУ се договорија на политичко ниво за планот за испорака на милион куршуми на Украина до март 2024 година.
Високиот претставник на ЕУ на почетокот на ноември изјави дека земјите од ЕУ досега ѝ предале само 300.000 гранати на украинската армија. И министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, призна дека Европската Унија нема да може да го исполни во предвидениот рок ветувањето дадено на Киев.