Архивска фотографија (Фото: Официјална страница на Кремљ)

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека ќе направи сѐ за да ѝ стави крај на војната меѓу Русија и Украина, и тоа што е можно поскоро. На новинарско прашање како планира да ја заврши војната во Украина, американскиот претседател не го прецизира начинот на ставање крај на војната, туку само ги издвои почнатите напори за временскиот рок за крај на војната да биде што пократок

Најавен скорашен директен телефонски разговор Трамп-Путин, по што ќе биде фиксиран термин за средба во четири очи

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, но додаде дека не е одреден датум за средбата. Тој им го изјави тоа на новинарите во Овалната соба на Белата куќа, при потпишувањето на извршните наредби.
– Ќе се сретнам со претседателот Путин – рече Трамп одговарајќи на новинарски прашања за можноста за таква средба.
Според американски медиуми, Трамп им наложил на своите соработници да го договорат неговиот телефонски разговор со рускиот претседател во наредните деновите откако тој ќе положи заклетва. Главна цел на разговорот би било да закаже директна средба во наредните месеци за да ѝ се стави крај на војната во Украина. Според медиумските пишувања во САД, претставници на тимот за национална безбедност на Трамп почнале да работат на закажување телефонски разговор на Трамп со Путин уште пред неколку недели.
Трамп потврди дека ќе се обиде да ѝ стави крај на војната меѓу Русија и Украина што е можно поскоро. На прашањето како планира да ја заврши војната во Украина, американскиот претседател не го прецизира начинот на ставање крај на војната, туку само напорите за временскиот рок да биде што пократок.
– Се обидуваме да го направиме тоа што е можно поскоро – изјави за јавноста американскиот претседател Доналд Трамп.
Нашата редакција се консултира со неколку политички аналитичари и, според нив, „Трамп секако ги гледа работите поинаку од неговиот претходник“. Соговорниците потсетуваат дека ставот на Трамп е дека најдобра опција е „негов директен ангажман и средба со Путин“ и дека Трамп и досега во јавноста констатирал дека „само директен, непосреден разговор во четири очи е токму она што е потребно за да се најде решение за завршување на војната“.
Аналитичарите издвојуваат дека „сѐ уште не е познато колку Трамп планира да ја остави да тече стратегијата на администрацијата на Бајден за снабдување со оружје и разузнавачки информации за Украина“, но секако нагласуваат дека Трамп „се спротивстави на влезот на Украина во НАТО“, како и дека „сѐ уште нема никакви информации во јавноста дека САД би издвоиле буџетски средства со кои ќе се плати за обновата на Украина, иако врз основа на неговите минати коментари е малку веројатно дека тоа би биле големи суми издвоени од САД“. Р.С.