Фото: ЕПА

Премиерот на Франција, Габриел Атал, изјави дека по подигнувањето на системот „Вижипират“ на максимално ниво, „4.000 дополнителни војници“ се ставени „во состојба на готовност“, покрај 3.000-те што се веќе распоредени во рамките на операцијата „Сентинел“. Францускиот премиер потврди дека 45 планирани напади биле спречени од 2017 година – и 74 од 2015 година – вклучувајќи и два од почетокот на 2024 година!

Франција се соочува со растечка и повеќеслојна терористичка закана пред почетокот на Олимписките игри

По нападот во Москва, системот „Вижипират“ беше подигнат на максимално ниво „вонредна состојба за напад“. Повеќе од „проектираната закана“, слично како и при нападите од 13 ноември 2015 година, француското разузнавање стравува од „инспирирана закана“, контролирана од далечина. Според разузнавачко-безбедносните информации лиферувани во јавноста, „центарот на инспирирање за извршување вакви терористички активности е лоциран во областите на Централна Азија и насочен кон млади поединци присутни во Франција“.

Во Елисејската палата итна средба на Советот за одбрана специјално
посветен на терористичка закана

Бранот на шок од нападот што се случи на 22 март во Москва, за кој одговорноста ја презеде организацијата Исламска држава (ИД), беше силно почувствуван во Франција. Во Елисејската палата веднаш се одржа совет за одбрана специјално посветен на терористичката закана, во контекст на затегнатост поради одржувањето на престојните Олимписките игри, за околу четири месеци во Париз, и мултиплицирањето на заканите кон образовните институции. По овој состанок, премиерот Габриел Атал изјави: „Со оглед на преземањето на одговорноста за нападот од страна на Исламската држава и заканите што тежат врз нашата земја, решивме да го подигнеме ’Вижипират’ на највисоко ниво: тревога за напад“!
Извршната власт остана со алармантен тон во текот на целата седмица пред велигденските празници. Од Гвајана, каде што беше во посета, Емануел Макрон потврди дека, според „информациите“ со кои располагаат разузнавачките служби, субјект на Исламската држава е тој што го поттикнал овој напад (во Москва) и го „егзекутирал“.
ИД Хорасан (ЕИ-К) – активна во Авганистан, Пакистан и Централна Азија – „која очигледно е вклучена во овој напад, изврши неколку обиди на наша територија во последните месеци“, објасни шефот на државата, не откривајќи кои. „Со оглед на неговите последици и неговите намери, како мерка на претпазливост, но со веродостојни и цврсти елементи“, беше „решено да се подигне нивото на ’Вижипират’“.

Два плана за терористички напад откриени од почетокот на годината

Во Париз, Габриел Атал сакаше да ја илустрира мобилизацијата на безбедносните сили со посета на станицата Сен Лазар.
– Исламистичката терористичка закана е реална, силна е и никогаш не ослабела. Нашата мобилизација е очигледно целосна за да се соочиме со тоа, „дејствуваме насекаде за да ја задушиме, со распоредување на исклучителни средства насекаде на територијата – изјави премиерот додаде тој.
Премиерот на Франција изјави дека по подигнувањето на системот „Вижипират“ на максимално ниво, „4.000 дополнителни војници“ се ставени „во состојба на готовност“, покрај 3.000-те што се веќе распоредени во рамките на операцијата „Сентинел“.
– Нашата борба против тероризмот е без зборови. Тоа е многу конкретно и никогаш нема да ни трепери раката пред лицето на тероризмот, никогаш пред исламизмот – увери Габриел Атал, потврдувајќи дека 45 планирани напади биле спречени од 2017 година – и 74 од 2015 година – вклучувајќи и два од почетокот на 2024 година.
Според Националното обвинителство за антитероризам (ПНАТ), првиот спречен напад датира од 10 јануари, со апсење на 22-годишен маж. Тој беше обвинет за „терористички злосторнички заговор со цел подготвување злосторства против луѓе“ и ставен во истражен затвор. Тој планирал да изврши насилна акција против ноќен клуб или против ЛГБТ-заедницата или еврејската заедница.
Вториот спречен напад, на 5 март, се однесуваше на планирана „насилна акција против католичка верска зграда“ од човек „очигледно посветен на џихадистичката идеологија“, посочи истиот извор. Осомничениот џихадист, на возраст од 62 години, исто така беше обвинет и ставен во притвор на 8 март за „злосторнички заговор за подготовка на злосторства против луѓе“, според ПНАТ.

Терористичкиот ризик насочен кон Франција е повеќеслоен

„Тревога за напад“ е третото ниво од планот на „Вижипират“. Тоа овозможува спроведување на 300 „исклучителни рестриктивни мерки“, вклучувајќи и зајакнување на безбедноста околу училиштата и местата за богослужба, како и во транспортот и во близината на институциите. Планирани се дополнителни патроли на силите „Сентинел“, како и претреси или прегледи на торби.
Терористичкиот ризик насочен кон Франција е повеќеслоен. На почетокот на март, Селин Бертон, генерален директор за внатрешна безбедност (ДГСИ), опиша пред Комисијата за право на Сенатот дека терористичката закана е „во пораст веќе малку повеќе од една година“, од „за жал, искусни профили“ со „логика на ревитализација на ендогеното движење, карактеризирано со доста млади профили, често многу активни на интернет“.
Заканата се генерира и од многу млади адолесценти во потрага по ултранасилство, кои се саморадикализирани со користење интернет, како и од поединци од џихадистичкото движење, кои жалат што не можеле да заминат во Сирија или Ирак за време на псевдокалифатот на ИСИС (2014-2018) и кои бараат начин да ја компензираат својата фрустрација со насилство. Тоа може да дојде од лица осудени за тероризам што го напуштаат затворот, кои секоја година се бројат по десетици. Конечно, може да дојде од луѓе забележани од региони во светот каде што ИСИС е сè уште активна или дури и во целосна експанзија, како што е случајот во авганистанската зона и Централна Азија, од една или од друга страна.
Овие лица, насочени од онлајн регрутери, се силно охрабрени да преземат акција. Ова веќе беше случај со Абдулах Анзоров, атентаторот на професорот Самуел Пати во октомври 2020 година, кој разговараше на интернет со таџикистански активист што се претставуваше како новинар со симпатии кон џихадистичката кауза под псевдонимот Фарук Шами: овој вториот, инсталиран во енклавата Идлиб, која до ден-денес сè уште бега од контролата на сириската влада, всушност се нарекува Фарух Фајзиматов.
Абдулах Анзоров пред нападот емитуваше видео во кое повикуваше на удар против Франција, која ја сметаше за виновна за карикатурата на пророкот Мухамед, и беше примач на првата порака испратена од чеченскиот терорист по обезглавувањето на Самуел Пати. Анзоров му ја испрати следнава аудиопорака: „Го обезглавив наставникот, сега одам да водам џихад во Франција“, како и фотографија. Таџикистанецот одговори со честитки и религиозна фраза.
Заканата од ИД Хорасан (ЕИ-К) е уште позагрижувачка затоа што, поради историските и јазичните врски, нејзините членови лесно можат да стигнат до Турција, која претставува воздушен блок кон Европа. Но, повеќе од „проектираната закана“, како што беше случајот со командосите од нападите од 13 ноември 2015 година, разузнавачките служби стравуваат од „инспирираната закана“, далечински контролирана од борбени зони.
Неодамна, началникот на париската полиција Лоран Нуњез експлицитно ја спомна ЕИ-К како една од групите што најверојатно имаат непријателски „намери“ против Франција. Не само за време на Олимпијадата туку и претходно, што би ги зголемило нивните ефекти со откажување посетители и доведување во прашање на свеченото отворање на 26 јули, на кое се очекува да се мобилизираат 45.000 припадници на внатрешните безбедносни сили и чиј капацитет е речиси преполовен, на 326.000 лица на свеченото отворање.


Што е „Вижипират“?

„Вижипират“ е француски систем за предупредување за закани по националната безбедност. Создаден е во 1978 година и спаѓа во одговорностите на премиерот на Франција. Од создавањето на системот „Вижипират“, тој е ажуриран трипати: во 1995, 2000 и 2004 година. Системот дефинира четири нивоа на закани претставени со пет бои: бела, жолта, портокалова, црвена и скарлетноцрвена. Нивоата предвидуваат конкретни безбедносни мерки, вклучувајќи и зголемени полициски или мешани воено-полициски високоспецијализирани екипи: патроли во метрото, железничките станици и други ранливи локации. Името „Вижипират“ (Vigipirate) е акроним на францускиот „Vigilance et protection des installs contre les risques d’attentats terroristes à l’explosif“ и значи „надзор и заштита на објекти од ризик од терористички бомбашки напади“.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур