Руските медиуми вчера ѝ посветија големо внимание на веста дека Вашингтон и Москва разговараат за можноста за посета на Русија на заменик-државната секретарка на САД за политички прашања, Викторија Нуланд. Наедно, изворите на кои се повикуваат медиумите јасно ставаат до знаење дека веројатноста за доаѓање на американската дипломатка и експертка за евроазиски прашања и Руската Федерација, која е на т.н. црната листа на руската влада, е многу голема.
Не е утврден точниот датум на посетата, но во преговорите се споменува и тековниот месец – ноември. Добро упатени извори во Вашингтон и Москва за руските медиуми изјавија дека Викторија Нуланд, која моментално ја извршува функцијата потсекретар за политички прашања во Стејт департментот на САД, би можела да ја посети Русија уште оваа есен.
„Се разговара за посетата. Можеби во ноември, но сè уште не е сигурно. Досега работата не е сведена на конкретни детали…“, изјавил извор од Вашингтон за руските медиуми. Слични информации пренесоа и руски дипломатски извори, според кои посетата е условно закажана за ноември.