Украински дронови денеска погодија постројка за примарна преработка на нафта во нафтена рафинерија во градот Волгоград на југот на Русија, како дел од операцијата на Службата за безбедност на Украина (СБУ), објави Ројтерс, повикувајќи се на украински извор.
Руските локални власти претходно денеска известија дека избувнал пожар во големата нафтена рафинерија по напад со дрон, кој бил изгаснат. Рафинеријата е во сопственост на руската компанија Лукоил.
Нападот е последен во серијата напади со украински беспилотни летала во последните недели врз руски постројки за преработка на нафта, кои Киев ги смета за важни за Русија во војната во Украина. Според изворот, овие напади ќе продолжат, пренесе БТА.
-Со ударите врз рафинериите кои му служат на рускиот воено-индустриски комплекс, не само што ја прекинавме организациската мрежа на руски дотур на гориво на фронтот, туку и ги намалуваме приходите во рускиот буџет – вели изворот кој што го цитира Ројтерс.
Растојанието од градот Харков во североисточна Украина, во близина на границата со Русија, до градот Волгоград во јужна Русија е над 600 километри.