Фото: ЕПА

ИНТЕРЕСНО ТВРДЕЊЕ НА ШЕФОТ НА КАБИНЕТОТ НА ВРХОВНИОТ КОМАНДАНТ НА УКРАИНА

Андриј Јермак, шеф на кабинетот на врховниот командант на Украина, Зеленски, што е наедно и највисоко командно и контролно тело за вооружените сили на Украина, изјави дека „Украина и нејзините партнери може да ја поканат Русија на идниот мировен самит за да разговараат за ставање крај на двегодишната војна според условите на Киев“. Наедно, шефот на кабинетот на Зеленски рече дека „Швајцарија ќе биде домаќин на самит на кој ќе се разговара за мировното решение на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кое би можело да биде пренесено во Русија на подоцнежен состанок“.
Претседателот на Украина Зеленски го претстави своето мировно решение за првпат на самитот на Г20 во ноември 2022 година. Тогашниот негов план се состоеше од предлогот за „враќање на територијалниот интегритет на Украина и целосно повлекување на руските сили“, при што Киев ќе одбива да разговара со Москва додека сите руски војници не ја напуштат украинската територија. Засега не е познато што точно содржи новиот план на Киев, според кој би се дискутирало на најавената мировна средба во Швајцарија.

Со мировната средба најпрвин да се спречи крвопролевањето, кое продолжува во континуитет

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од почетокот на војната се убиени 31.000 украински војници. Тој додаде дека не сака да го открие бројот на ранетите бидејќи тоа ќе ѝ помогне на руската армија во нејзините понатамошни планови. Украинскиот претседател исто така изјави и дека во окупираните делови на земјата се убиени десетици илјади цивили. Ова е првпат Зеленски да го објави конкретниот број на загинати војници. Претходно, во јуни 2022 година поранешниот украински министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека „верува оти десетици илјади Украинци биле убиени од почетокот на војната“. На истата тема, два месеца подоцна, Валериј Залужни, тогашен шеф на вооружените сили на Украина, изјави дека се убиени 9.000 војници. На крајот на 2022 година, советникот на Зеленски, Михајло Подољак, изјави дека од почетокот на војната загинале 13.000 украински војници.
Зеленски исто така рече дека една од причините зошто долгоочекуваната контраофанзива на Украина не започна на почетокот на минатата година е недостигот од оружје.

За руските загуби на жива сила се осврнува американскиот Институтот за проучување на војната (ИСВ)

Институтот за проучување на војната (ИСВ) тврди дека повеќе руски војници загинале за време на заземањето на градот Авдеевка во Украина отколку во советско-авганистанската војна. Американскиот Институт за проучување на војната (ИСВ) наведува дека руските опозициски медиуми проценуваат дека повеќе од 75.000 руски луѓе загинале во Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година. Имено, советско-авганистанската војна, која траеше од 1979 до 1989 година, однесе животи на 15.000 руски војници, според енциклопедијата „Британика“.
Украинските сили се повлекоа од градот Авдеевка на источната линија на фронтот во регионот на Донецк по десетмесечна битка. Тоа е првиот украински град што паѓа по преземањето на опколениот Бахмут минатиот мај. ИСВ соопшти дека „ситуацијата денес е тешка, но е далеку од безизлезна“ за Украинците, додавајќи дека „руските сили ја вратија иницијативата на бојното поле и напаѓаат и постигнуваат напредок“ и дека „тие победи се многу ограничени и исклучително скапи“.


Од интервјуто на претседателот на Украина, Зеленски, за Фокс њуз

Претседателот на Украина, Зеленски, деновиве даде интервју за каналот Фокс њуз. Разговорот беше воден на локација во близината на линијата на фронтот во Харков, со новинарот Брет Баер од Фокс њуз. Претседателот на Украина даде низа интересни одговори, од кои издвојуваме три.
Ø Новинарот на Фокс њуз го прашал украинскиот лидер дали знае колку изгубила Украина во оваа војна.
– Односот е еден спрема пет. За еден убиен украински војник, има пет убиени руски војници. Знаеме дека се убиени неколку десетици илјади луѓе, депортирани се и десетици илјади деца, знаеме за тоа – изјави кратко Зеленски.
Ø Одговарајќи на прашањето зошто се разрешени врховниот командант на армијата Валериј Залужни и остатокот од раководството на украинските вооружени сили, Зеленски рече дека станува збор за „ресетирање“, реструктурирање и промена на раководството на воената команда.
– Мора да бидеме побрзи. Тоа значи да се ослободиме од сета бирократија што ја имаме. Во спротивно, немаме шанси. Мора да бидеме паметни, технолошки поопремени и, секако, брзи. Времето е пари, но во нашиот случај тоа не се пари, тоа се луѓе, животи на луѓе – изјави Зеленски за Фокс њуз.
Ø Запрашан за доделувањето на титулата херој на Украина на Валери Залужни и дали тоа значеше признание за континуираната поддршка на Залужни за политиката на претседателот Зеленски, или пак за „потенцијална промена кон опозицијата“, претседателот Зеленски одговори дека тоа е избор на самиот Залужни.
– Тој го бранеше нашиот народ, нашата земја. Затоа му ја доделив титулата херој на Украина. Многу сум му благодарен – рече Зеленски.