Фото: Принтскрин

Војската на Украина денеска влезе во клучниот јужен град Херсон по повлекувањето на руските сили од таму, соопшти украинското Министерство за одбрана.

– Украина ја врати контролата над Херсон, украинските вооружени сили влегоа во градот – објавија од Министерстрвото на Фејсбук и ги повикаа руските единици што остануваат таму „веднаш да се предадат“.

Украинското МНР денешното повлекување на руската армија на источниот брег на реката Днепар во Херсонската област окупирана од март го оцени како важна победа.

– Украина во моментов бележи уште една важна победа. Ова е доказ дека што и да каже или направи Русија, Украина ќе победи – напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Русија соопшти дека повлекла повеќе од 30.000 војници од јужниот украински регион Херсон, вклучувајќи го и регионалниот главен град.

– Вкупно, повеќе од 30.000 руски војници, воена опрема и материјал се повлечени. Ниту едно парче воена опрема или оружје не остана на десниот брег – соопшти Министерството за одбрана на Русија.