Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) од 13 до 16 мај, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Таа рече и дека Трамп ќе отпатува во Италија на само еден ден на погребот на папата Франциск.

– Претседателот ќе замине од Вашингтон во петок наутро и ќе се врати во сабота навечер – посочи Левит.

Трамп изјави дека ќе биде придружуван од сопругата Меланија. Портпаролката не даде дополнителни детали за маршрутата во Италија.

Патувањето во Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ долго време беше на агендата на Трамп, но датумот не беше одреден.