Фото: ЕПА

По веста за пукањето на Карловиот универзитет во Прага, во кое загинаа 11 лица, вклучувајќи го и напаѓачот, а има и повеќе од 20 повредени, почнаа да пристигнуваат реакции и изрази на сочуство, како од чешките политичари, така и од меѓународните претставници.

„Шокиран сум од настаните на Факултетот за уметности на Карловиот Универзитет. Би сакал да го изразам моето длабоко жалење и искрено сочувство до семејствата и роднините на жртвите на пукањето. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните што ги почитуваа упатствата на безбедносните сили и обезбедија максимална соработка“, напиша на Икс чешкиот претседател Петр Павел.

Премиерот Петр Фиала ги откажа своите закажани настани и веднаш се упати кон Прага.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така го коментираше пукањето во Прага.

„Шокирана сум од бесмислената бруталност на пукањето што денеска однесе неколку животи во Прага. Изразувам најискрено сочувство до семејствата на жртвите и до сите Чеси. Стоиме и жалиме со вас“, напиша таа на Икс.