Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ оцени како односите меѓу Кина и Србија издржале промени во меѓународниот пејзаж во последните години и дека тие се пример за пријателски односи меѓу Кина и европските земји, пренесува „Бета“ повикувајќи се на за кинеските медиуми.
Како што јави кинеската агенција „Ксинхуа“, Си ја нарече Србија „челичен пријател“ на Кина, додавајќи дека „двете земји ја подобрија соработката во областа на изградбата на инфраструктурата, со континуирано подобрување на длабочината, широчината, квалитетот и ефикасноста на соработката”
На средбата со Вучиќ, кинескиот лидер рече дека му е многу драго што се сретнал со својот стар пријател, посакувајќи му топло добредојде за неговото учество на третиот Форум за меѓународна соработка „Појас и пат“.
Министрите за трговија на Србија и Кина во Пекинг го потпишаа Договорот за слободна трговија, а на потпишувањето присуствуваа и претседателите Александар Вучиќ и Си Џинпинг.
Договорот подразбира намалување или укинување на царините за повеќе од 10.000 српски и 9.000 кинески производи. Покрај тој договор, потпишан е и акционен план за спроведување на иницијативата „Појас и пат“, како и два договори за соработка во рамките на политиката за индустрија и економски развој.
Делегацијата на Србија од вчера е во посета на Кина, по повод Третиот форум за меѓународна соработка „Појас и пат“, кој е иницијатива на Кина за економска соработка со земјите од Евроазија.