Руско-украинската војна се шири во длабочината на териториите на завојуваните држави со упади длабоко во заднината на фронтот

Руските власти обвинија дека украински диверзантски сили изминатата недела ја преминувале границата во западна Русија и напаѓале цивилни жители од локалните села. Киев веднаш го отфрли ова обвинување, предупредувајќи дека Москва може да ги искористи овие клевети за да го оправда засилувањето на сопствените интензивирани напади во актуелната фронтовска војна, која полека го губи епитетот – фронтовска и немилосрдно се шири на двете страни, по длабочина од фронтовската линија.

Обвинувања за терористички упади и оган по цивилни цели

Вистинските околности на инцидентот пријавени во регионот Брајанск се нејасни, како и стратегиската цел на таквиот напад. Доколку се потврди, тоа ќе биде уште една индикација по нападите со беспилотни летала, дека Киев би можел да го засили притисокот врз Москва со практикување нови форми на воени дејства и фокусирани удари, имено, диверзантски напади што имаат сосема различен ефект на граѓаните (цивилите) што директно не се вклучени во воениот судир.
Кремљ обвини украински „терористи“ за упад, тврдејќи дека намерно целта им биле цивили, вклучувајќи и деца. Според руската верзија за настанот, наводно, украински специјални сили се инфилтрирале во областа во близината на границата во регионот Брајанск и отвориле оган врз цивили. И рускиот претседател, информиран за овој напад надвор од линијата на фронтот, жестоко реагираше во јавноста дека „нападот во регионот Бријанск го извеле неонацистите“. За оваа состојба тој дури и повикал седница на рускиот Совет за безбедност.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, запрашан од новинарите дали нападот во Бријанск би можел да донесе промена во статусот на конфликтот, одговори: „Засега не можам да кажам“.

Кремљ нареди Федералната служба за безбедност (ФСБ) да ги зајакне контролите на границата со Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Путин го откажал планираното патување во јужна Русија и добивал извештаи за состојбата од регионалниот гувернер. Ваквиот развој на настаните доаѓа неколку дена откако Путин наредил Федералната служба за безбедност (ФСБ) да ги зајакне контролите на руската граница со Украина.
Од другата страна, пак, советникот на украинскиот претседател Порошенко, Михаило Подољак, ги опиша руските извештаи како „класична намерна провокација“. Во врска со споменатиот инцидент, советникот на украинскиот претседател напиша на Твитер дека „Русија сака да го исплаши својот народ за да го оправда нападот врз друга земја (и) растечката сиромаштија по една година од војната“, сугерирајќи дека „нападот е дело на руските партизани“.

Спротивставени извештаи

Во услови на спротивставени првични извештаи, Федералната служба за безбедност на Русија соопшти дека „борби со диверзантска единица се водат во регионот Бријанск“. Руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на официјални изјави од Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ), наведува дека „се во тек активности за елиминирање на вооружените украински единици што ја нарушија државната граница“.
ТАСС, повикувајќи се на истите извори, претходно објави дека „диверзанти држеле до шест лица како заложници“. Локалниот гувернер рече дека групата пукала врз возило, при што загинал еден човек и рането е 10-годишно дете.
Агенцијата, повикувајќи се на неименуван безбедносен претставник, објави дека две села во областа Бријанск – Сушани и Љубечане, биле нападнати од „неколку десетици вооружени борци“.
Александар Богомаз, гувернер на областа Бријанск, која се граничи со Украина, исто така потврди за инцидентот, додавајќи и дека украински дрон завршил во куќа во Сушани, предизвикувајќи големи пожари.
Во секој случај, воени експерти предупредуваат дека меѓу завојуваните страни се појавуваат и нови форми на воениот конфликт, кои инволвираат и цивилни цели. Тоа се вознемирувачки вести, бидејќи не одат во насока на деескалација на конфликтот. Очигледно, поради фактот што ваквите методи имаат потенцијал да загрозат и недолжни цивили и „да посеат немир, страв и паника во секојдневното живеење“, и највисоките државни раководства веднаш реагираат, а експертите се надеваат дека, веројатно, реакциите ќе бидат во насока на целосно смирување на состојбите, а не на ескалирање и противмерки од воен карактер.