Фото: ЕПА

Со почетокот на руско-украинскиот конфликт, Европа забрзано се впушти во спроведување мерки и активности на „одвикнување од користењето на руската нафта и природен гас“. Но за разлика од тоа, прекинувањето на долгогодишната соработка на земјите од ЕУ со Русија на полето на нуклеарна индустрија оди многу потешко и излезе дека тоа е многу покомплициран зафат

Европа се обидува да го диверзифицира синџирот на снабдување со енергија

Русија, преку својата државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“, сѐ уште доминира во глобалниот синџир на снабдување. Како трет по големина европски снабдувач на ураниум (во 2021 година, со 20 отсто од вкупната бројка), за европските земји во чии атомски централи се вградени нуклеарни реактори од руско производство, потпирањето на руската логистика во врска со нуклеарната енергија сѐ уште е тежишна. Според достапните информации, во пет земји на Европската Унија, секој реактор – вкупно 18 – го изградила токму Русија. Дополнително, на оваа констатација, уште два реактора се планирани да започнат со работа наскоро во Словачка, а два се во изградба во Унгарија. Така, во врска со производството на нуклеарна енергија, врските и партнерствата на некои европски земји со Москва, и покрај санкциите, си продолжуваат. Имено, нуклеарните експерти од ЕУ се правдаат дека токму рускиот „Росатом, преку својата подружница ТВЕЛ, беше практично единствениот производител на фабрикувани склопови на гориво (претворање на ураниумот во прачки за нуклеарно гориво) што ги напојуваат европските нуклеарни централи. Но по отпочнување на конфликтот во Украина, во февруари 2022 година, некои европски земји почнаа со обидот да се дистанцираат од „Росатом“, односно од Москва. Како им оди тој проект на европските држави?

Чешка, Финска, па и Бугарија со проекти во кој е исклучен „Росатом“

Енергетската компанија на Чешка, ЧЕЗ, потпиша договори со „Вестингхаус електрик компани“ со седиште во Пенсилванија, САД, и со француската компанија „Фраматом“ за снабдување со склопови за гориво за нејзината фабрика во Темелин.
Финска го откажа проблематичниот проект со „Росатом“ за изградба на нуклеарен реактор и ја ангажира „Вестингхаус“ за дизајнирање, лиценцирање и снабдување со нов тип гориво за нејзината фабрика во Ловииса по истекот на нејзините сегашни договори.
– Целта е да се диверзифицира синџирот на снабдување – рече Симон-Ерик Олус, извршен потпретседател во „Фортум“, финска енергетска компанија.
Бугарија потпиша нов 10-годишен договор со „Вестингхаус“ за обезбедување гориво за постојните реактори. И минатата недела таа продолжи со плановите за американската компанија да изгради нови единици за нуклеарни реактори. Полска е на пат да ја изгради својата прва нуклеарна централа, која ќе има три реактори од „Вестингхаус“.
Словачка, па дури и Унгарија, најблискиот сојузник на Русија во Европската Унија, исто така се обратија до доставувачите на алтернативни горива.
– Гледаме многу вистинска раздвиженост. Дури и Унгарија сака да се диверзифицира – рече Тарик Чохо, претседател на единицата за нуклеарно гориво во „Вестингхаус“, додавајќи дека војната во Украина ја забрза потрагата на Европа по нови доставувачи.
Вилијам Фриберн, виш уредник за нуклеарна енергија во „Ес енд пи комодити инсајтс“, рече дека маршот на Русија во Украина минатата година на некој начин означи „промена на теренот“.
– За неколку дена по конфликтот, речиси секоја земја што управуваше со руски реактор почна да бара алтернативно снабдување – рече тој.

Каква е состојбата со нуклеарно-енергетската зависност на Украина од страна на Русија

Во Украина, според европските енергетски експерти, сериозните напори за отстранување на руската нуклеарна доминација започнаа во 2014 година, откако рускиот претседател Владимир Путин испрати војници на Крим и во источниот регион Донбас. Имено, Украина, чии 15 реактори од советската ера обезбедуваа половина од електричната енергија на земјата, потпиша договор со „Вестингхаус“ за проширување на договорот за гориво.
Според Меѓународната агенција за енергија беа потребни околу пет години помеѓу почетокот на процесот на дизајнирање и конечната испорака на првото склопување гориво.
Украина „отвори комерцијална патека“, рече Фриберн. Во јуни, Украина потпиша уште еден договор со „Вестингхаус“ за на крајот да го обезбеди целото свое нуклеарно гориво. Компанијата ќе изгради и девет електроцентрали и ќе формира инженерски центар во земјава.
Сепак, не оди сѐ толку „подмачкано“: нуклеарниот синџир на снабдување е исклучително сложен. Воспоставувањето на нов би било скапо и би траело со години.
Во исто време, европските енергетски експерти истакнуваат дека „Росатом се покажал „уникатно успешен и како деловно претпријатие и како средство за руско политичко влијание“. Голем дел од неговата надмоќ се должи на она што експертите го нарекоа „нуклеарна продавница со едношалтерски систем“ што може да им обезбеди на земјите сеопфатен пакет: материјали, обука, поддршка, одржување, отстранување нуклеарен отпад, деактивирање и, можеби најважното, финансирање по поволни услови.
И со животен век од 20 до 40 години, договорите за изградба на нуклеарни реактори принудуваат долгорочен брак.
Најцврстата контрола на Русија е на пазарот за нуклеарно гориво. Контролира 38 отсто од светската конверзија на ураниум и 46 отсто од капацитетот за збогатување ураниум – суштински чекори во производството на употребливо гориво.
– Тоа е еднакво на целиот ОПЕК заедно во однос на пазарниот удел и моќ – рече Пол Дабар, визитинг-соработник во Центарот за глобална енергетска политика на универзитетот „Колумбија“, осврнувајќи се на нафтената доминација на Организацијата на земјите извознички на нафта.
Како и со нафтата и природниот гас, трошоците за испораките на нуклеарно гориво се зголемија во текот на изминатата година, ставајќи повеќе од 1 милијарда долари од извозот во руската каса, според извештајот на институтот „Кралски обединети сервиси“, безбедносно-истражувачка организација во Лондон.

Околу една четвртина од снабдувањето со електрична енергија на Европската Унија доаѓа од нуклеарна енергија

Американската нуклеарна индустрија добива до 20 отсто од збогатениот ураниум од Русија, максимум дозволен со неодамнешниот договор, според Меѓународната асоцијација за енергија. Франција увезува 15 проценти. „Фраматом“, кој е во сопственост на државниот оператор за нуклеарна енергија, „Елетрисите д Франс“, или ЕДФ, потпиша договор за соработка со „Росатом“ во декември 2021 година, два месеца пред украинскиот конфликт, кој сè уште е во сила. „Фраматом“ одби да коментира.
Па дури и со планирањето на новите договори за гориво во Европа со неруски извори, испораките нема да започнат најмалку една година, а во некои случаи и неколку години.
Околу една четвртина од снабдувањето со електрична енергија на Европската Унија доаѓа од нуклеарна енергија. Со т.н. зелените политики што се во тек, за поттикнување за намалување на севкупната употреба на фосилни горива, улогата на нуклеарната енергија во иднина, се очекува да се зголеми.
Сепак, аналитичарите тврдат дека дури и без формални санкции, позицијата на Русија како нуклеарен снабдувач е трајно компромитирана.
Во екот на дебатата во Германија минатата година за тоа дали да се задржат двете преостанати нуклеарни централи поради војната, нивното потпирање на ураниум збогатен од Русија за шипките за гориво се појави како еден од аргументите против продолжување на нивниот животен век. Последните два реактора треба да бидат затворени следниот месец.
И кога Советот на министри на Полска го одобри договорот во ноември за „Вестингхаус“ за изградба на првата нуклеарна централа во земјата, резолуцијата ја наведе „потребата од трајна независност од снабдувањето со енергија и енергетските носители од Русија“.
Г. Чохо од „Вестингхаус“ беше уверен во способноста на компанијата да се натпреварува со „Росатом“ во Европа, проценувајќи дека на крајот може да освои од 50 до 75 отсто од тој нуклеарен пазар. „Вестингхаус“, исто така, потпиша договор со шпанската енергетска компанија „Енуса“ за соработка за производство на гориво за реактори од руско производство.
Но надвор од Европската Унија и Соединетите Американски Држави, во земјите каде што поддршката за руската влада е задржана, според западните енергетски експерти, „едношалтерското купување и финансирањето на ’Росатом‘ остануваат примамливи“. Реактори од руско производство може да се најдат во Кина, Индија и во Иран, како и во Ерменија и Белорусија. Изградбата на првата нуклеарна централа во Турција започна, а „Росатом“ има меморандум за разбирање со 13 земји, според Меѓународната асоцијација за енергетика.
Како што се заклучува во новиот извештај во списанието „Нејчр енерџи“, додека војната „ќе ја поткопува позицијата на ’Росатом‘ во Европа и ќе ја наруши нејзината репутација како доверлив снабдувач“, нејзината глобална позиција „може да остане силна“.

Подготвил: Mарјан Велевски