Фото: Фејсбук

Актуелниот кинески претседател, Си Џинпинг, по трет пат е реизбран за лидер на кинеската Комунистичка партија, што е рекорден реизбор во владејачката партија во Кина, јавија светските новински агенции. Ова беше очекувана внатрепартиска победа на Џинпинг на редовниот партиски Конгрес што се одржа во Пекинг.

На Конгресот беа избрани и шест нови членови на тесното раководство на партијата, кои се сметаат за блиски соработници на Џинпинг, а нивните претходници беа разрешени од функциите. Ова, според извештаите на новинските агенции, се толкува како дополнително зајакнување на неговата позиција во партијата.

-Полни со самодоверба, тргнуваме на патот да ја направиме Кина уште помодерна социјалистичка земја во сите погледи. Сакаме да ја освежиме кинеската нација на сите фронтови и да се впуштиме во уште поголема модернизација. Кина мора да остане на високо ниво на подготвеност како студент на испит што никогаш нема да заврши – Џинпинг во својот говор по реизборот.

Тој нагласи дека Кина била и ќе остане многу важна за напредокот на целиот свет.

– Кина нема да отстапи од нејзините принципи, а тоа се брзиот економски раст и долгорочната стабилност. Партијата ќе стане непобедлива само ако си дозволи да се промени – додаде кинескиот лидер и го заврши говорот со покана до странските новинари да ја посетат Кина.