Ваквата одлука на Бајден отвора повеќе прашања за изборот на нов кандидат што ќе ја добие претседателската номинација на Демократската партија, како и за неговите изгледи за евентуална победа над Доналд Трамп, а според реномираниот портал „Политико“, „ја втурнува и Америка во непознати води“… Зошто „Политико“ лиферува во својата анализа ваква констатација?
По одлуката на Џо Бајден за повлекување од претседателската трка
Повлекувањето на актуелниот американски претседател Џо Бајден (81) од трката за реизбор претставува сеизмички потрес, не само за претстојните претседателски избори во САД закажани за ноември туку и за американската историја, како што оценуваат светските медиуми. Ваквата одлука отвора повеќе прашања за изборот на нов кандидат што ќе ја добие претседателската номинација на Демократската партија, како и за неговите изгледи за евентуална победа над Доналд Трамп, а ја втурнува и Америка во непознати води, според реномираниот портал „Политико“. Извесно е дека отстапувањето на Бајден ги зголеми тензиите во САД, откако неговиот противкандидат Трамп преживеа обид за атентат на предизборен митинг на 13 јули.
Одлуката за повлекување донесена по голем притисок во јавноста
Бајден одлучи да отстапи по неколкунеделниот притисок во јавноста по неговиот настап на претседателската дебата, што предизвика загриженост за неговото здравје и сомнеж за неговата способност да ја извршува функцијата. „Политико“ тврди дека Бајден ја донел одлуката по долг разговор со двајца од неговите најблиски соработници, Стив Рикети и Мајк Донилон, откако го посетиле во неговиот дом во Делавер, каде што тој закрепнува од ковид-19.
– Најголема чест во мојот живот беше да ви служам како претседател. Иако моја намера беше да барам реизбор, верувам дека е во најдобар интерес за мојата партија и за земјата да се откажам и да се фокусирам исклучиво на исполнување на должностите како претседател до крајот на мојот мандат – истакна Бајден во изјавата објавена на социјалната мрежа Икс.
Бајден, кој најави дека во текот на неделава ќе се обрати до нацијата со повеќе детали за неговата одлука, стана првиот американски претседател што се повлекува од трката за реизбор поради загриженоста за неговата психичка состојба и здравје. На тој начин Бајден им се приклучи на малкутемина американски претседатели што решија да се откажат по првиот мандат, меѓу кои последен беше Линдон Џонсон во 1968 година.
Белата куќа соопшти дека Бајден ќе го отслужи својот тековен мандат до крајот, и покрај повиците во Конгресот за негово предвремено повлекување. Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година, ветувајќи дека ќе ја залечи Америка по четири години под водство на Трамп и по шокот од нападот на Капитол на 6 јануари истата година.
Партијата треба да избере нов кандидат, Камала Харис е фаворит
Американскиот претседател Џозеф Бајден ја поддржа актуелната американска потпретседателка Камала Харис како демократска кандидатка на претпретседателските избори, веднаш по неговото повлекување од претседателската трка.
– Сакам да ја понудам мојата целосна поддршка Камала да биде кандидат на нашата партија годинава. Демократи, време е да се собереме и да го победиме Трамп. Ајде да го направиме тоа – напиша Бајден на Икс.
Харис важи за фаворит на Демократската партија, за која се смета дека е втурната во неизвесност со одлуката на Бајден, при што треба да најде нов претседателски кандидат за изборите во ноември. Меѓу другите познати имиња од Демократската партија што се спомнуваат како можни кандидати за партиската номинација се гувернерите Гевин Њусом од Калифорнија, Гретчен Витмер од Мичиген и Џош Шапиро од Пенсилванија.
Делегатите на Демократската партија од сите 50 сојузни држави ќе присуствуваат на летната партиска конвенција за номинирање, за официјално да одберат кандидат врз основа на примарното гласање. Харис веќе доби јавна поддршка преку соопштение од Кен Мартин, претседателот на Асоцијацијата на државните демократски комитети, а ја обезбеди и клучната поддршка од Бил и Хилари Клинтон, проследена со поддршка од црното конгресно и хиспанското друштво. Згора, за нејзината кампања досега се донирани вкупно 46,7 милиони долари.
Трамп: Бајден не беше способен да се кандидира, заминува како најлош претседател во американската историја
Џо Бајден „не бил способен да се кандидира“ и „сигурно не е способен да служи како претседател“, истакна републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп во објава на неговата онлјан платформа, т.н. Мрежа за вистина, откако Бајден соопшти дека се откажува од изборната трка.
Трамп потоа во телефонски разговор за Си-ен-ен додаде дека Бајден заминува како „најлошиот претседател досега“ во историјата на САД. Тој потоа порача и оти смета дека ќе биде полесно да ја победи актуелната американска потпретседателка Камала Харис на претседателските избори отколку Бајден. Харис важи за фаворит за добивање на републиканската номинација по повлекувањето на Бајден. Н.М.