Фото: Принт-скрин

Рускиот амбасадор во Европската Унија, Владимир Чижов го напушта Брисел по рекордни 17 години минати на оваа позиција, јави порталот „Еурактив“.

Сè уште не е откриено кој ќе биде негов наследник.

Петер Стано, портпарол на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека тоа е „стандардна процедура“ и оти се очекува да пристигне нов амбасадор.

– Името на новиот амбасадор останува во тајност додека не се добие таканаречениот „агреман“ од сите земји членки и доколку се добие – појасни Стано.

Според некои извештаи, засега нема одлука дали некој од Европската служба за надворешни работи ќе присуствува на прошталниот прием на Чижов, што треба да биде на 8 септември. Но, веројатно приемот ќе биде или бојкотиран или ќе присуствува некој на пониско ниво.

Во пикот на односите меѓу ЕУ и Русија е низа од 32 самита, почнувајќи од 1977, а завршувајќи пред Русија да го анектира Крим во 2014 година.

Кога односите беа на највисока точка, ЕУ и Русија разговараа и за визна либерализација. Тоа значи укинување на визите за Русите кои влегуваат во ЕУ на период до три месеци.

Во интервјуата за порталот, Чижов секогаш бил подготвен да разговара за прашања надвор од своите директни овластувања, вклучувајќи и војната во Сирија или состојбата на Балканот.

Како што пишува порталот, тој некогаш имаше и изненадувачки изјави. Така, во 2018 година тој изјави дека конфликт во Украина не ѝ е во интерес на Русија и оти Донбас е „дел од Украина“.

Една од големите теми на Чижов беше и енергетиката за што Русија сега „води хибридна војна“ со Европската Унија.

Како соговорник, Чижов често покажуваше посебна смисла за хумор, навидум, не по вкус на неговите колеги од Европската Унија.

Порталот наведува оти тешко е да се процени до каде Чижов можел да влијае на рускиот претседател Владимир Путин во врска со Европската Унија. Но, Путин очигледно го ценел својот амбасадор во Брисел, бидејќи го држел на позицијата 17 години.