Руското Министерство за надворешни работи денеска објави дека сирискиот претседател Башар ал Асад ја напуштил функцијата и земјата откако наредил мирно предавање на власта. Во соопштението, Министерството не наведува каде се наоѓа сега Асад.
Министерството истакна дека Русија не учествувала во дискусиите околу неговото заминување. Се наведува дека руските воени бази во Сирија се ставени во состојба на готовност, но дека во моментов нема сериозна закана за нив.
Според соопштението, Москва е во контакт со сите сириски опозициски групи и ги повика сите страни да се воздржат од насилство.
Претходно локални медиуми соопштија дека Асад се качил во авион „Иљушин 76“ на „Сиријан ер“ со број на лет 9218. Информативниот портал „Вала“ наведува дека, според неименуван израелски функционер, Асад синоќа полетал од Дамаск до руската воздухопловна база Хмеимим, со намера оттаму да продолжи кон Москва.
Овој израелски функционер се повика на наводните сознанија од американски официјални лица дека Асад го напуштил Дамаск со намера „да побегне во Русија“.