Со потпишаниот Договор за мобилност во Тирана, во рамките на самитот на Берлинскиот процес, седум професии добиваат автоматско признавање на квалификациите во земјите од Западен Балкан! Имено, лицата со професии како доктори по медицина, стоматолози, архитекти, медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки ќе можат да работат во секоја од земјите на Западен Балкан, со признаени квалификации, со што им се подобрува пристапот на пазарот на трудот
Од самитот на Берлинскиот процес во Тирана ветен нов економски пакет за Западен Балкан
Земјите од Западен Балкан мора да продолжат со реформите, да интензивираат форми на соработки за подигање на економиите и тоа е патот кон членство во Еврoпската Унија. Токму таквиот напредок ќе биде стимулиран од Брисел, со јакнење на заедничкиот пазар на земјите од Западен Балкан, со цел да се доближи до единствениот пазар на ЕУ.
Во тој контекст и за таа цел ќе биде одобрен економски пакет за регионот вреден 30 милијарди евра! Овој План за економски раст за Западен Балкан ќе биде претставен идниот месец.
Тоа се главните заклучоци од самитот на Берлинскиот процес што во понеделникот се одржа во Тирана.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на завршната прес-конференција нагласи дека зачленувањето во ЕУ најмногу ќе зависи од самите земји-кандидатки.
– Пристапувањето е процес заснован на заслуги и не може да постои фиксен датум за членство, без оглед дали и како ги спроведувате реформите или не. Такво нешто никогаш нема да биде прифатливо за земјите-членки. Ако, пак, се чека 2030 година, тоа би значело дека во следниот мандат нема да има проширување. Затоа сметам дека усогласената методологија што ја имаме во Европскиот совет е дека процесот е заснован на заслуги. Тоа е повреден начин за самите земји, бидејќи успесите ќе ги водат напред и тоа е силен поттик – рече претседателката на ЕК.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги охрабри државите-кандидатки, изјавувајќи дека зачленувањето на Западен Балкан треба да се забрза. Дваесет години да се чека, тоа е премногу, нагласи Шолц.
– Затоа работевме толку напорно за поддршка на Северна Македонија во нејзиниот пристапен процес кон ЕУ. И за да се ѝ се решат сите проблеми, прво со Грција, а потоа и со Бугарија. Има шанса зашто се движиме во вистинската насока. Го цениме тоа што го прават Владата и премиерот на Северна Македонија – рече Шолц. Тој уште еднаш повика на што побрзо пристапување на шесте држави во Европската Унија.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, побара да се преиспита „принципот на пристапување во Европската Унија, кој само поставува крајни рокови“. Албанскиот премиер наведе дека е потребно да се размисли за тоа како да се реагира на внатрешните предизвици во Европа, која ги има многу. Укажа дека процесот на пристапување во ЕУ е забавен, меѓу другото, и затоа што некои земји-членки го отежнуваат.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, по завршувањето на работните сесии од самитот на лидери на Берлинскиот процес, во изјава за медиумите говореше за важноста на двете работни сесии.
– На две работни сесии разговаравме пред сѐ за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ како една од клучните придобивки што ќе обезбеди брз економски раст и развој, подобри можности за граѓаните и деловната заедница, подобар животен стандард, нови инвестиции, подобри плати и, се разбира, подобра инфраструктура – рече Ковачевски.
Во рамките на Берлинскиот процес, Тирана го доби третиот кампус на Колеџот на Европа, а Подгорица договор за основање регионален центар за сајбер-безбедност. Присутните лидери на ЕУ го поздравија отворањето на разгранокот како „чин со големо симболично значење“, односно предвесник на влезот на Западен Балкан во ЕУ. Разгранокот во Тирана е трет во составот на Колеџот на Европа, кој од 1992 година досега има два кампуса – едниот во Бриж, Белгија, и вториот во Натолин, јужен округ во Варшава, Полска.
На состанокот беше потпишан и Договорот за мобилност, со кој седум професии добиваат автоматско признавање на квалификациите во земјите од Западен Балкан. Со тоа, лицата со професии како доктори по медицина, стоматолози и архитекти, медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки ќе можат да работат во секоја од овие земји, со признаени квалификации, со што им се подобрува пристапот на пазарот на трудот. Договорот треба да биде ратификуван од владите на сите земји и стапува во сила на триесеттиот ден од депонирањето на третото официјално известување за ратификација. М.Ј.