Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека Бугарија е главниот мотор на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија и важен критериум за поддршка ќе биде положбата на бугарското малцинство во тие земји, вклучително и Србија, објавија српските медиуми.
Радев ова го изјави при доделувањето на награда на основачот и претседател на информативниот центар на бугарското национално малцинство во Босилеград во Србија, Иван Николов, пренесе агенцијата БТА.
– Бугарија е главниот двигател на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, а главен критериум со кој ќе дадеме поддршка е состојбата на нашите сонародници во секоја земја – условите за нивниот економски и социјален развој, а пред се можност да го одбранат својот национален идентитет, јазик, култура, историска меморија – нагласи Радев, цитира бугарската агенција БТА.
Радев во повеќе наврати испраќа пораки поврзани и со македонската евроинтеграција наведувајќи го како услов внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.