Фото: Твитер на францускиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин денеска час и половина разговараше со својот француски колега Емануел Макрон. Според Кремљ, Путин му рекол на францускиот претседател дека „целите на воената операција во секој случај ќе бидат исполнети“.

Тој предупреди дека ако руско-украинските преговори се одложат, тогаш Москва ќе има нови барања кон Киев. Во исто време, Руската Федерација е подготвена да соработува со странските партнери во решавањето на хуманитарните проблеми.

Во разговорот, Путин не се согласил со зборовите на Макрон, кој ги нарекол „лаги“ тврдењата според кои Русија се бори против нацизмот во Украина. Според Кремљ, Путин дал образложени објаснувања за важната улога на неонацистите во земјата.

Путин ги претставил руските услови на Макрон во контекст на преговорите со претставниците на Киев. Како што се наведува, пред се се бара демилитаризација и неутрален статус на Украина – за да никогаш од нејзината територија да не дојде закана за Русија.

Претседателот на Русија му рекол на Макрон дека не се точни наводите за бомбардирањето на Киев и други украински градови, туку дека се „елементи на антируската кампања за дезинформации“.

Путин го повикал Макрон да ги здружат силите за да обезбедат безбедна евакуација на странците од Украина. Тој му порачал, на претседателот на Франција дека западните земји не направиле апсолутно ништо за да го принудат Киев да ги почитува договорите од Минск.

Како што беше најавено претходно, Макрон денеска имаше телефонски разговор и со претседателот на Украина, Владимир Зеленски.