Пожарите се шират во округот Болдер, северно од Денвер, а властите велат дека е многу веројатно да има мртви бидејќи пожарот продолжува да се шири. Во меѓувреме, гувернерот Џаред Полис прогласи вонредна состојба.

Ветровите од Колорадо се движат со брзина од 169 километри на час и го шират пламенот низ целиот регион по историската суша.

Додека претходните пожари во Колорадо беа главно во руралните области, најновите ги зафатија предградијата.

На социјалните мрежи кружат снимки кои покажуваат колку се драматични случувањата на теренот. На едно видео се гледа како гори цела населба. Во описот пишува дека ветровите не престануваат. Куќите се целосно зафатени од пламен, а над нив се издига густ црн чад.

На друга снимка се гледа густ чад како се шири по автопатот. Се чини дека паднала магла, а видливоста е слаба.

Една од снимките покажува како изгледа пожарот од воздух. Една жена сподели видео што го снимил нејзиниот син додека патувал со авион до Сиетл. Може да се види како гори пожарот на различни делови и како чадот се шири.

Видеото кое се појави на Твитер покажува како пламенот и чадот се приближувале до ресторан додека таму биле родители со деца. Низ прозорецот се гледа како огнот почнува да гори веднаш до ресторанот, а чадот ја намалил видливоста.

Фотографијата која трогна многумина беше кога лекарите од една болница низ прозорецот гледаа како дивее пламенот во нивната непосредна близина. Може да се забележи толпа полиција, како и пожарникари, но и возила на брза помош, додека огнот гори.