Загрижувачки извештаи на меѓународните организации за состојбата со децата
Повеќе од 160 милиони деца низ светот учествуваат во детскиот труд, се вели во извештајот на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) и на УНИЦЕФ, објавен во средата.
Во извештајот, МОТ и УНИЦЕФ предупредија дека без стратегии за помош, бројот на деца вклучени во детски труд може да се зголеми за 8,9 милиони до крајот на оваа година поради растечката сиромаштија и зголемената ранливост. На децата им е потребна социјална заштита, која ги намалува сиромаштијата и ранливоста на семејството, со цел директно да се влијае на критичните двигатели на детскиот труд, се вели во извештајот.
Двете организации повикаа на затворање на јазот во покривањето на социјалната заштита за 1,5 милијарда деца низ светот, кои сè уште не се издржувани со семејни или детски бенефиции.
– Има многу причини да се инвестира во универзална социјална заштита, но укинувањето на детскиот труд мора да биде една од најсилните, со оглед на неговото катастрофално влијание врз правата и благосостојбата на децата – рече Гај Рајдер, генерален директор на МОТ.
Глобалните процени кријат нерамномерен напредок низ регионите во последните 20 години, при што Азија и Пацификот и Латинска Америка и Карибите генерално покажуваат постојан пад, додека, од 2012 година, стапките се зголемија во супсахарска Африка. „Иако има многу варијации меѓу земјите во секој регион, повеќе деца работат во супсахарска Африка денес отколку во остатокот од светот заедно“, се вели во извештајот.
Од 2010 година наваму се наведени неколку студии што обезбедуваат докази за улогата на социјалната заштита во укинувањето на детскиот труд. Истражувањата покажуваат дека социјалната заштита, како и помагањето на семејствата да се справат со економски или здравствени шокови, го намалува детскиот труд и го олеснува школувањето. Сепак, премалку е постигнато во овозможувањето сите деца да уживаат социјална заштита. Според извештајот, владите можат да спроведат голем број политики за унапредување на социјалната заштита. Сепак, се предупредува дека пандемијата на ковид-19, руско-украинската војна, растечката сиромаштија и климатските промени, доколку креаторите на политиката не постапат решително, ќе го зголемат обемот на детскиот труд.
Во извештајот се вели дека напредокот е запрен во 2016 година, а денес, вкупно 160 милиони, 63 милиони девојчиња и 97 милиони момчиња, сè уште се вклучени во детскиот труд. За да се зајакне социјалната заштита, која го спречува и елиминира детскиот труд, извештајот препорачува да се затвори јазот во опфатот на социјалната заштита. Давање приоритет на детските бенефиции и проширување на социјалната заштита за две милијарди работници во неформалната економија ќе го поддржи нивниот премин од неформална во формална економија.
Подготвил: Марјан Велевски