Поголема група поранешни членови на платеничката група Вагнер почнала да тренира со специјалните сили од јужниот руски регион Чеченија, изјави чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, а пренесе „Ројтерс“.
„Вагнер“ одигра значајна улога во некои од најжестоките борби на руската војна во Украина, но иднината на паравоената група беше доведена во прашање кога нејзиниот водач, Евгениј Пригожин, загина во авионска несреќа во август, два месеци откако го предводеше кусиот бунт против руската војска.
Кадиров во пораката објавена на „Телеграм“ рече дека голема група поранешни борци на Вагнер минуваат низ интензивна обука со неговите специјални воени сили „Ахмат“.
– Мило ми е што во редовите на познатата единица „Ахмат“ се приклучија борци кои имаат одлично борбено искуство и кои се докажаа како храбри и ефикасни воини. Уверен сум дека целосно ќе го оправдаат својот углед во претстојните битки – нагласи Кадиров.
Тој објави видео, на кое се гледаат војници, кои носат вагнерови обележја на нивните униформи и маски на нивните лица. Кадиров рече дека воените обуки вклучуваат гаѓање, медицинска помош на терен и обука за снајперисти, митралези, инженери и артилерија.
По смртта на Пригожин, Кремљ ги отфрли како „апсолутни лаги“ шпекулациите дека тој бил убиен по наредба на претседателот Владимир Путин поради јунскиот бунт. Се уште се чекаат резултатите од истрагата за авионската несреќа.
Според Ројтерс, Путин тогаш одлучил борците на „Вагнер“ да ги стави под државна контрола, наредувајќи им да потпишат заклетва за верност, а Кремљ постојано повторува дека групата не постои како правен субјект.