Половина од светските демократии се во состојба на пропаѓање, со влошување на граѓанските слободи и владеењето на правото, а авторитарните влади стануваат порепресивни, предупреди Институтот за демократија и изборна помош (ИДЕА) со седиште во Стокхолм.
ИДЕА во својот годишен извештај наведува дека демократските институции се поткопани од проблеми кои, меѓу другото, вклучуваат ограничување на слободата на изразување и зголемена недоверба во легитимноста на изборите.
Како посебни предизвици, ИДЕА посочува неколку фактори кои придонесуваат за влошување на состојбата на демократијата во светот: руската војна во Украина, претстојната глобална рецесија, климатските промени и пандемијата на ковид-19.
– Светот се соочува со повеќе кризи во исто време, од зголемените трошоци за живот до ризикот од нуклеарен конфликт и галопирачката климатска криза. Во исто време, сведоци сме на пад на демократските стандарди ширум светот. Тоа е токсична мешавина – се вели во извештајот од студијата за 2022 година.
ИДЕА следи и собира податоци за состојбата на демократиите во светот од 1975 година. Институтот го заснова својот индекс за глобална состојба на демократијата на повеќе од 100 променливи, од слободата на изразување до личниот интегритет и безбедносните прашања.
Во извештајот се наведува дека никогаш не бил толку голем бројот на земји кои „назадувале“, во кои е забележана сериозна ерозија на демократијата.
Како земји со проблеми на огромна политичка поларизација, нефункционални институции и закани за граѓанските слободи, ИДЕА ги споменува Полска, Унгарија и САД.
Во Европа речиси половина од демократиите се во колапс, но се нагласува дека демократските вредности и институции се клучен штит против руската агресија, не само во Украина, туку и во земјите од регионот.
– Руската војна во Украина ја потресе Европа, принудувајќи ја да го преиспита своето безбедносно опкружување и да се бори со енергетските и прехранбените кризи – се вели во извештајот.
Демократијата на глобално ниво, се заклучува во извештајот, е изложена на различни закани, а најгорливиот проблем е легитимноста на изборните резултати, ограничувањата на слободите и правата на Интернет, тврдокорната корупција и растот на екстремно десничарските партии.
– Никогаш не било поитно демократиите да одговорат на овие предизвици и да им покажат на своите граѓани дека е можно да се формираат нови, иновативни општествени врски кои не нè разделуваат, туку не обединуваат – истакнува ИДЕА.
Што се однесува до авторитарните режими, ИДЕА тврди дека нивниот број е двојно зголемен во последните шест години, но Африка се покажала како поотпорна на нестабилноста во светот, а Гамбија, Нигер и Замбија забележале демократски чекори напред.